Додека се обезбедуваше мнозинство – Пресудите заглавија во судските лавиринти

Жалбите на пресудите за дел од случаите што ги доби Специјалното јавно обвинителство, а во кои се осудени бизнисмени и поранешни високи функционери од поранешната власт, се заглавени во судските лавиринти. На 20 јули минатата година бизнисменот Сеад Кочан и Василие Авировиќ, синот на пратеничката од Социјалистичката партија, Владанка Авировиќ, ја слушнаа пресудата за случајот „Труст“, а по шест месеци Апелацискиот суд, кој треба да донесе правосилна пресуда, сè уште ја нема разгледано жалбата и нема закажано јавна седница за овој случај.

Адвокатката на Кочан, Маја Несторовска-Дојчиновска, вели дека предложиле да биде закажана јавна седница на која ќе се расправа за жалбата. Таа вели дека Кривичниот суд доцна го пратил предметот во Апелацискиот суд бидејќи требало да се испочитуваат роковите за жалба и одговор на жалбата. „Нема ништо симптоматично, се постапува како и во сите случаи“, вели адвокатката.

Од Кривичниот суд велат дека предметот бил комплетиран и пратен до второстепениот суд на 3 декември. „Во предметот има тројца обвинети, четворица адвокати и седум жалби. Немало уредна достава до сите, се чекало да се комплетира, па да се испрати“, ни изјавија од Кривичен.

Сеад Кочан (Принтскрин)

Судечкиот совет го осуди бизнисменот на шест години затвор, а Василие Авировиќ на три години. Судечкиот совет утврдил дека обвинетите со лажна документација ја изиграле постапката и добиле тендер за ископ на јаглен од РЕК „Битола“. Вообичаено, по сите пресуди осудените излегуваат незадоволни од судскиот процес, но ова судење беше оценето како коректно и од двете страни. И судијката Лидија Трајковска-Зимбовска оцени дека обвинетите биле коректни во текот на целата постапка, но и одбраната на обвинетите ја пофали работата на судијката и судечкиот совет. Во периодот додека кривичниот суд го комплетираше предметот, а Апелацискиот чека да закаже седница за овој случај, во Собранието веќе беше заокружен процесот за имплементација на Преспанскиот договор, а мнозинството го обезбедија „независните“ пратеници кои се поврзани или и самите се обвинети во случаите на Специјалното јавно обвинителство. Меѓу нив е и пратеникот Зекир Рамчиловиќ од Здружението за културно обединување на Бошњаците од Македонија, кој е близок на Сеад Кочан и пратеничката Владанка Авировиќ, чиј син е обвинет во истиот случај. Пред гласањето на уставните измени пратениците од владејачкото мнозинство го сменија членот 275-в во Кривичниот законик, кој се однесува на злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавни набавки или јавно-приватно партнерство, а кој, пак, е поврзан со кривичните дела за кои се товарат Сеад Кочан и Василије Авировиќ. Со овие измени казните се намалуваат на три и четири години затвор, а се дава можност и за условна казна. Измените на членот 353 тогаш беа повлечени на доработка, но сепак има можност тие да се изгласаат, но во поинаква форма. Ако поминат овие измени кои се однесуваат на злоупотреба на службената положба од кривичен прогон, би можеле да се спасат поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, која е обвинета за случајот „Тендери“, поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, кој пред гласањето на измените беше пуштен во домашен притвор и неговото име се поврзува со гласот на Емилија Александрова. Поранешната министерка за култура, која ја предводи пратеничката група на независните пратеници од говорницата ја нападна нејзината поранешна матична партија и им порача дека не тие не се чувствуваат како предавници.

„Предавници се оние што бегаат и не нудат решенија и личните цели ги ставаат пред државните. Барем да ни дадеа поддршка за овој амандман и да беа присутни сега и искрено да се боревме за него, со тоа барем нешто ќе останеше како придобивка од нив, ако не на друго место барем тука во архивите во Собранието“, рече Канческа-Милевска.

Порака со слична реторика преку Фејсбук му испрати и нејзината поранешна колешка Гордана Јанкулоска на нивниот довчерашен лидер Никола Груевски.

„Кога си далеку од проблемите, на 800 километри од Македонија, лесно е на социјалните мрежи да кажуваш што е лесно а што не е, притоа амнестирајќи се од сите проблематични одлуки за кои секогаш одговорен е некој друг и игнорирајќи ја реалноста дека Македонија е таму каде што е денес, меѓу другото и заради многубројните испуштени шанси во минатото“, му напиша Јанкулоска на Груевски.

И жалбата на пресудата за случајот „Тенк“, во кој Јанкулоска беше осудена за злоупотреба на службената положба за набавката на луксузниот „мерцедес“ на шест години затвор, сè уште чека Апелацискиот суд да закаже седница. Пресудата беше изречена во октомври минатата година, а поради ова Врховниот суд веќе два месеца не може да одлучува по жалбата на поранешниот премиер Никола Груевски бидејќи списите за предметот „Тенк“, во раздвоената постапка за ексминистерката Гордана Јанкулоска се доставени на одлучување во Апелацискиот суд. Груевски е осуден на две години затвор во истиот предмет.

Од Апелацискиот суд не соопштуваат кога ќе се разгледуваат жабите на пресудите, а мнозинството го обезбедија и тројцата пратеници обвинети за упадот во Собранието, кои пред првото гласање Апелацискиот суд ги пушти од притвор, а сега се веќе слободни со Законот за амнестија кој го изгласаа пратениците.

Фросина Факова-Серафиновиќ