Дисперзирани студии на битолскиот универзитет само на два факултета


Денес почнува академската година. За тоа колку бруцоши се запишани по третиот уписен рок, од Министерството за образование и наука велат дека уште до нив не стигнале податоците од шесте државни универзитети. Последните податоци по вториот уписен рок за академската 2018/2019 година се дека биле запишани околу 20.000 нови студенти.

„Чекаме универзитетите да ни испратат официјални бројки на запишани студенти во прва година“, одговорија кусо од Министерството.

Ректорот на Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола, Сашо Коруновски, за „Независен весник“ вели дека во трите уписни рока успеале да запишат 1.300 бруцоши, меѓутоа напоменува дека в среда ќе има четврти уписен рок по кој очекуваат бројот на нови студенти да биде уште поголем. Најголем интерес има на Факултетот за безбедност, каде што имало и одбиени кандидати, а најмалку студенти, десетина, се запишале на Факултетот за ветерина.

„На ниво на очекуваното е интересот и бројот на досега запишани студенти. На техничките науки запишани се студенти како и ланската година. Соработка имаме со компаниите ЕВН, „Шпаркасе“, „Кромберг и Шуберт“. Повеќето компании доделуваат стипендии, а соработуваме и со јавни институции, како што е Царинската управа. Најмалку запишани, 10-ина студенти, има запишано на Факултетот за ветерина, ама таму бројката на слободни места беше мала – триесетина. Многу од студентите што се на Факултетот за туризам, практика им држи професор кој е директор на хотел, работата односно праксата во текот на летото им е платена, а по завршувањето на студиите компаниите ги задржуваат на работа“, вели Коруновски.

Важно е, додава Коруновски, што 90 отсто од студентите се запишани на матичните факултети. Универзитетот само на два факултета има дисперзирани студии, порано, вели тој, имаше дисперзирани студии во повеќето градови, ама тоа бил голем товар за факултетите и за квалитетот на наставата.

„Ние речиси и да немаме дисперзирани студии. Квалитетот на дисперзираните студии е помал. Затоа, ние само на две места имаме дисперзирани студии – на Правниот факултет во Кичево и Технолошко-техничкиот факултет во Велес. Порано имавме повеќе дисперзирани студии во другите градови, но тоа е поголем товар за факултетите. Веќе немаме дисперзирани студии на Факултетот за туризам и на факултетот за информатика, затоа што претходните години имаше мал интерес“, додаде Коруновски.

Ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, Азис Положани, вели дека на факултетите се запишале дури 25 отсто повеќе во споредба со лани.

„На Универзитетот има запишано околу 650 студенти, бројката не е целосна. Новина е тоа што оваа година имаме седум нови програми на втор циклус, а конкурсот за овие студии уште е отворен. Новина е што на универзитетот за додипломски студии имаме нови програми, каде што предничи царина. Годинава поголем е интересот на техничките факултети, за разлика од првите две години. Имаме 26 програми, само во три од нив нема да има до 10 студенти. Мал број има во геодезија, агроинженерство. Ние сме задоволни од запишаниот број на студенти затоа што е во рамките на очекуваното“, рече Положани.

Надлежните укажаа дека младите треба да избираа факултети за кои пазарот на трудот има потреба, со што ќе се забрза економски раст во земјава што, пак, ќе придонесе за зголемена соработка меѓу домашните и странските експерти.

Вероника Мароска-Леова

Борис Грданоски-фоторепортер