Директорката на ГАК по прозивките од Јанкуловска: На работа сум докторка, а не нечија пријателка

До Клиниката за гинекологија(ГАК) досега не е стигнато барање од судот по кое гинеколозите би утврдувале во кој месец од бременоста е Гордана Јанкулоска, поранешната министерка за внатрешни работи и колку е ризична бременоста, потврди Викторија Јовановска, директорка на ГАК.

Добрила Кацарска, судијка во предметот „Тенк“, минатата недела најави дека ќе бара судски вештак да ја преиспита медицинската документација на одбраната и да ја прегледа Јанкуловска за да утврди дали е способна да присуствува и да ги следи судењата. Јовановска вели дека и да треба да се направи вештачење на ГАК, тоа ќе го прави конзилиум од лекари, а не лично таа. Со тоа одговори на обвинувањата од поранешната министерка која негодува што би била испратена на државна гинекологија, каде што директорка е „блиска пријателка на семејството на Зоран Заев“.

– Јас на работа сум докторка, а не нечија пријателка. И со Јанкулоска би се постапило како кон мајка со дете и кон стара прворотка, и како таква, од мене ќе биде максимално заштитена. Ме прозива лично, без да ме познава и без да има повод за такви прозивки. А, ако лично се прашувам, со неа би постапила како јас да сум на нејзино место и како што би сакала некој со мене да постапува. Ако правиме како што правеше некој претходно, ќе бидеме исти како нив. А, и не е христијански некому да му нанесуваш штета. Барем јас така сум воспитана – изјави Јовановска за „Независен весник“.

Во завчерашното отворено писмо до јавноста, Јанкуловска се пожали дека судијката Кацарска, во време кога таа била во болница поради ризична бременост, одобрила вештачење со кое ќе се докаже тоа. Тоа е на барање на СЈО, а Јанкулоска реагира зошто е упатена на Клиниката за гинекологија.

„Извесно е дека судијата очигледно го антиципира исходот од ваквото вештачење, со оглед на информацијата што беше објавена во јавноста дека истото ќе биде доверено на ГАК со која раководи д-р Викторија Јовановска (за која медиумите пишуваа дека е во блиски пријателски врски со семејството на Зоран Заев), па во период од само еден месец (од 13 јуни до 14 јули) закажани се 8 термини за рочишта за овој предмет. Ваквото постапување на судијата и на СЈО го покажува вистинското лице на бескрупулозен извршител на политички нарачки“, напиша Јанкулоска.

Таа е во деветтиот месец од бременоста. Матичниот гинеколог ѝ е во амбулантата во МВР, а медицинската документација е потврдена и од лекари од една приватна болница во Скопје.

С.С.З.