Димовски останува во ВМРО-ДПМНЕ, Мицковски очекува успешен конгрес

„Останувам во ВМРО-ДПМНЕ“, изјави вечерва Илија Димовски, кој е еден од предлагачите за одложување на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ.

Димовски учествува на седницата на Централниот комитет на партијата, иако Извршниот комитет не го прифати барањето за одложување на конгресот.

„Секогаш може да има различни мислења во партијата. Тоа мора да го научиме“, рече Димовски.

За тоа дека Христијан Мицкоски е единствен кандидат за лидер, Димовски вели дека тоа не е позитивно за партијата, но не откри дали ова го доведува во прашање неговото учество на вонредниот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски, пред почетокот на седницата на Централниот комитет, рече дека очекува успешен конгрес во Валандово.

„Очекувам да имаме успешен Конгрес и да биде избран нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Мицковски.

За тврдењата дека вршел притисок врз делегатите, Мицковски рече дека тоа се обвинувања без аргументи.