Димовски: Нема да поднесам кандидатура дури и да се одложи конгресот

Илија Димовски вечерва пред одржувањето на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека не планира да се кандидира за претседател на партијата дури и да се одложи конгресот.

– Не планирам да поднесам кандидатура дури и да се одложи конгресот затоа што мојот став не е базиран на персонални прашања. Мојот став е базиран на концептуални прашања. Мислам дека ВМРО-ДПМНЕ мора да смогне сили да покаже поголема зрелост од СДСМ. Мора да покаже концепт којшто ќе значи широка транспаретност, голема демократија, отвореност…. изјави Димовски.

Во врска со фејсбук статусот на лидерот во оставка Никола Груевски во кој тој посочува дека одлуката за конгресот е донесена едногласно, Димовски изјави дека гласале за одржување на конгресот во декември, но во меѓувреме добиле информации за нефер и недемократски избор меѓу кандидатите, поради што се залагаат за нов датум.

Според Антонио Милошоски, кој е еден од потписниците на отвореното писмо, на партијата и е потребен кредибилен конгрес за легитимен избор на претседател.

– Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ без разлика кој и да биде, не треба да ја има хипотеката на претседател марионета. Затоа сметаме дека сите можни недостатоци и сомненија треба да се отстранат пред да се одржи конгрес на кој поширокото членство би дало еден суверен избор, изјави Милошоски пред седницата на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеничката Ане Лашкоска очекува конгресот да се одржи викендот и тврди дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе остане компактна.

– Мислам дека ќе има конгрес и дека се ќе заврши во најдобар ред. Не сум сведок на ниту една закана, изјави Лашкоска.