Димовски веќе не е прв вмровец во Собранието

Долгогодишното заштитно лице на пиар-стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, го презеде првиот чекор по доаѓањето на Христијан Мицкоски на чело на партијата. Имајќи предвид дека не се согласуваше со начинот на кој беше организиран конгресот во Валандово и дека јавно застана зад обвинувањата дека Никола Груевски ја користи целата партиска машинерија за да му помогне на Мицкоски, реши да се повлече од функцијата – координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, брифираат функционери од „белиот дворец“. Според нив, Димовски останува пратеник, исто како и Антонијо Милошоски, кој исто така беше потписник на писмото со кое се бараа внатрепартиски промени. За негов наследник се споменува Влатко Ѓорчев, но официјална потврда не успеавме да добиеме.

Илија Димовски со години беше директор на центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ и важеше за главен медиумски стратег на партијата која беше на власт од 2006 до 2017 години. Во 2014 година беше назначен за координатор на пратеничката група во Собранието. Се споменуваше и како наследник на Груевски на претседателското место, но одлучи воопшто да не се кандидира поради тоа што целиот партиски врв, и покрај тврдењата за неутралност, се стави на страната на Мицкоски. Бараше раководството да се тргне од битката, да ја предводи колективното претседателство до одржување на конгресот, кој би се одржал за два месеца и да се зголеми бројот на делегати од 544 на над 5.000, со што би се чул гласот на сите општински комитети. Извршниот комитет, на кој тој и Милошоски се членови, не им даде шанса на нивните барања. Присутните тврдат дека против нив најгласни биле токму Мицкоски и Груевски.

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која и онака е раситнета по губењето на власта, се соочува со дополнителна опасност да ја напуштат и долгогодишните нејзини препознатливи лица. Заминувањата, барем засега, главно се сведуваат на пратеници од коалициските партнери, но внатрепартискиот раскол по изборот на Мицкоски е сѐ повидлив.

Во ВМРО-ДПМНЕ засега не ги коментираат рокадите во нејзните редови. Новиот лидер вчера беше на гости кај претседателот Ѓорѓе Иванов, кој му го честитал изборот и му посакал успех.

Претседателот Иванов изрази очекување дека ВМРО-ДПМНЕ, како најголема опозициска партија, активно ќе дава придонес во процесите за остварување на стратегиските цели на државата, како и за зачувувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и самостојност на Македонија“, беше соопштено по средбата во вилата на Водно.

Премиерот Зоран Заев, пак, вчера излегувајќи од скопскиот Кривичен суд, каде што требаше да му се суди за „Поткуп“, рече дека очекува соработка со новоизбраниот лидер на опозицијата.

Штом ќе има потреба – ќе има и средба, без разлика кој ќе ја иницира. Очекувам партијата да се врати во законодавниот дом за да има нормални демократски процеси“, рече Заев.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не учествуваат во работата на Собранието по масовните апсења за настаните од 27 април. Неизвесно е дали денеска ќе се појават за време на говорот на претседателот Иванов, кој ќе го има вообичаеното годишно обраќање.

Горан Адамовски