(ВИДЕО)Димитров се сретна со Тилерсон

Министерот за надворешни работи Никола Димитров се сретна во Вашингтон со државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон.Како што соопштуваат од Министерството за надворешни работи, Димитров на средбата го запознал Тилерсон со актуелните политички состојби во Република Македонија и во регионот, како и за актуелностите во процесот на надминување на разликите околу името со Грција.

Државниот секретар на САД пак истакнал дека Македонија е на добар пат да биде пример за регионот и нагласил дека САД ќе продолжат да имаат позитивна улога за неговата стабилност. Како што соопшти МНР, Тилерсон дал поддршка на реформската агенда повикувајќи ја Владата да истрае во нејзиното спроведување.

Димитров дал осврт на актуелните политички состојби во Македонија и во регионот, а исто така го запознал и со актуелностите во процесот на надминување на разликите околу името со Грција.

„Македонија е пријател и партнер на САД, убедени сме дека со вашата помош и лидерство, и поддршката на европските сојузници, набргу ќе станеме дел од семејството на НАТО. Нашата посветеност и решителност да ја искористиме оваа можност што ни’ се укажува се големи“, рекол Димитров.

„Информирајќи за реформите во Македонија, Димитров нагласи дека сакаме да изградиме силни и демократски институции и да го зацврстиме владеењето на правото за да ја направиме Македонија посакувана полноправна членка на евро-атлантската заедница“, се наведува во соопштението за средбата.

Зборувајќи за придонесот на Република Македонија во зачувувањето на меѓународната безбедност и борбата против тероризмот, Димитров ја реафирмирал цврстата определба на Владата постепено да го зголемува буџетот во сферата на одбраната согласно со барањата на Алијансата.

Димитров учествувале и на конференцијата на Атлантскиот совет на САД, насловена како „Следната бура? Обликување на балканската иднина во ера на неизвесност“.

На панелот со тема „Голем ризик, голема награда: Справување со долготрајните политички предизвици на Балканот“ на кој учествуваа и Хојт Брајан Ји, Енвер Хоџа и Астрит Истрефи, а го модерираше Јануш Бугајски, Димитров говорел за актуелните состојби во Република Македонија, со посебен акцент на надминувањето на разликите околу името со Грција.

Шефот на македонската дипломатија остварил средба и со експертите за регионот: Даниел Сервер, Едвард Џозеф и Мајк Халцел, како и со Дејмон Вилсон од Атлантскиот совет на САД, со кои разменија мислења за актуелностите и перспективите на Регионот. Во текот на последниот ден од работната посета на Вашингтон, предвидени се средби со: советникот за национална безбедност на претседателот Трамп, Х.Р. МекМастер, претставници на Конгресот на САД, како и со поранешната државна секретарка на САД, Медлин Олбрајт.