Димитров: Навистина веруваме дека ќе успееме да направиме чудо

Навистина веруваме дека ќе успееме да направиме чудо, вели шефот на македонската дипломатија Никола Димитров во интервју за францускиот меѓународен телевизиски канал Франс 24, дадено за време на неговата работна посета на Париз.

Во интервјуто инсистира меѓу другото на потребата од борбата против корупцијата, за  да владее правото во земјата, што е еден од условите за влез во Европската унија.

Во воведот на интервјуто, пропратено со репортажа за случувањата во Македонија, Франс 24 (програма на англиски јазик) нагласува дека „Македонија има само една пречка за надминување на патот кон ЕУ: нејзиното име.

Соседната Грција одамна е незадоволна што таа го споделува името со својот историски, северен регион. Како резултат на тоа, Атина долго време ги блокираше обидите на Македонија да се приклучи кон ЕУ и НАТО. Договорот склучен меѓу владите на двете земји изгледаше дека го отвори решавањето на ова прашање.. Но, има отпор на двете страни,  заклучи францускиот меѓународен телевизиски канал.

-Има отпор, опозициските партии во двете држави велат дека ќе можат да направат подобар договор, но подобар од грчка перспектива и подобар од македонска перспектива се две различни нешта. Па кога ќе ги споите тие две изјави, тие најверојатно нема да доведат до договор. Квалификувано мнозинство, во нашиот случај, секогаш е кревка работа во политиката, секојдневно работиме на него и навистина веруваме дека ќе успееме да направиме чудо и дека можеме да докажеме дека чуда се случуваат дури и на Балканот. Не можеме да ја смениме историјата, не можеме да ја смениме географијата, но се надевам дека можеме да ја изградиме нашата иднина, а ова е за нашата иднина, за создавање пријателство меѓу двете нации, ова е навистина историско – а обично тоа што е историско не е лесно, вели во одговорот шефот на македонската дипломатија.

На забелешката од Кетрин Николсон, новинарката на Франс 24, дека Франција и Холандија, се две од земјите членки на ЕУ што се најсилни противници на почнувањето пристапни преговори, односно тие изразуваат загриженост за корупцијата во Македонија, за судските реформи, Димитров  одговара за нас е поважно да станеме европска земја отколку да се приклучиме на Унијата.

-Сакаме да ги убедиме европските гласачи, а не само владите, дека процесот на пристапување може да ја трансформира земјата. Можеби ќе ни требаат 10 години, можеби и подолго, за нас е поважно да станеме европска земја отколку формално да и се приклучиме на ЕУ, порачува Димитров.

Според него, ангажирањето на европската Унија и земјите членки на страната на нашата земја и во регионот всушност е поисплатливо отколку неангажирањето.

-Поисплатливео е ако сакаме Балканот да биде организиран, да се почитува владеењето на правото, да извезува производи и услуги наместо луѓе што бараат подобра иднина надвор од границите на својата татковина и подалеку од проблематичната власт. Мислам дека сме таму каде што сме на глобално ниво, но и во Европа, затоа што често ги занемаруваме проблемите и ги пропуштаме можностите за напредок. Време е да бидеме искрени, време е да не го политизираме процесот премногу, посочува Димитров.

Тој, во интервјуто, го правда законот за амнестија кој деновиве треба да влезе во собраниска процедура. На прашање на новинарката дали со таквиот закон ќе продолжи праксата на неказнивост во Македнија, Димитров вели дека ќе се направи дистинкција, така што нема да им биде понудена амнестија на организаторите на упадот и на насилниците.

-Линијата е навистина тенка и мислам дека нема да им се понуди амнестија на организаторите на нападот на Парламентот или на оние што учествувале во насилството, туку на оние што, веројатно што биле дел од толпата, ако може така да се каже. Но, на одреден начин, мислам дека најдоброто што можеме да го направиме е мудра комбинација од вештината на можното и принципите што се навистина важни, а отчетноста веројатно е прва на тој список, нагласува Димитров.

Во однос на бегството на поранешниот премиер Никола Груевски и добиениот азил во Унгарија, Димитров се согласува дека тоа направи „монгу непријатна ситуација во која личноста за која станува збор, господинот Груевски, е веќе осуден, побарал азил и добил азил во земја членка, Унгарија.“

-Неодамна се сретнав со мојот колега Петер Сијарто, унгарскиот министер за надворешни работи, и заклучивме дека имаме многу заеднички интереси, вклучувајќи го и интересот да го направиме регионот европски, имаме значителна трговска врска со Унгарија и ја имаме оваа разлика, па му кажав дека ќе ги преземеме сите законски мерки, побаравме екстрадиција и ќе почекаме унгарскиот суд да донесе одлука во тој случај.(…) Треба да одржуваме билатерални односи со Унгарија и истовремено да ги убедиме и да го изложиме нашиот случај дека Груевски треба да се соочи со правдата. Тие сметаат дека ова е само правно прашање, но ќе видиме како ќе се одвиваат работите, порача Димитров.