Димитров и Пендаровски – противкандидати во СДСМ?

Лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, би требало да бидат противкандидати во „претседателскиот ринг“, ако се суди според последната анкета на МЦМС, која токму нив двајцата ги промовира како најпопуларни во своите табори. Пласирањето на оваа анкета, всушност, го врати во игра името на Заев како потенцијален кандидат за преселба од „Илинденска“ на Водно, додека рејтинзите на можните претседателски кандидати од опозицијата останаа во втор план. Причина за тоа, веројатно, се бројките – и од претходни анкети што укажуваат на тоа дека СДСМ има психолошка предност, со оглед на, генерално, повисокиот рејтинг наспроти опозицијата, поради поголемиот коалициски потенцијал – особено во однос на албанскиот политички блок, како и поради досегашното искуство според кое владејачките партии секогаш ги добивале изборите за шеф на државата.
Иако и последната анкета покажа дека Заев има убедливо највисок рејтинг во однос на другите политички чинители и дека особено добро котира меѓу гласачите Албанци, функционери на СДСМ коментираат дека тоа не мора да биде причина за негова кандидатура за шеф на државата, туку дека треба да биде мотив за тој да продолжи да ја извршува премиерската функција. Во спротивно, како што се наведува, Заев би требало да ги остави празни челните позиции во Владата и во СДСМ, ризикувајќи внатрепартиски превирања. Во таков случај, како што се посочува, до одржување нов конгрес, партијата, веројатно, би ја водела Радмила Шекеринска, како заменик-претседател – функција која, според партискиот статут, се избира на ист начин и има речиси исти овластувања како и лидерот на СДСМ.
Заев изјави пред извесно време дека не планира да се кандидира за претседател, туку дека има намера да го истурка целиот мандат како премиер. Тој посочи и дека верува оти има посоодветни кандидати од него за претседателската функција. Откако анкетите го вратија деновиве неговото име во „барабанот“, Заев ни изјави вчера дека СДСМ нема да го отвора прашањето за претседателските избори се додека не финишира процесот на уставни измени, што би значело кон крајот на јануари следната година. Тогаш ќе се решава кој ќе биде адутот на СДСМ и дали на изборите ќе се настапи во коалиција со ДУИ, односно дали ќе се оди со т.н. консензуален кандидат.
– Нема да ја отвораме темата ниту, пак, нешто ќе разговараме за тоа во политичките кругови пред одлуката на парламентот за уставните промени – вели Заев.
Се очекува шестите претседателски избори да бидат распишани во почетокот на февруари, кога треба да се одреди и датумот за нивно одржување и од кога ќе почнат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија, односно 90 дена пред истекот на вториот мандат на Ѓорге Иванов –во почетокот на мај. СДСМ вообичаено спроведува интерни анкети за можните кандидати на кои било избори, но, како што посочуваат од партијата, се испитува и пулсот на членството, преку евидентирање на посакувани кандидати во општинските организации. Изборот на кандидатот потоа треба да го верифицира и партискиот конгрес.
По Заев (кој води со 12,4 проценти), анкетата на МЦМС ги исфрла сега како посериозни можни претенденти за претседателската функција министерот за надворешни работи Никола Димитров и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, кој беше претседателски кандидат на партијата во 2014 година, кога изборните резултати укажаа дека за него гласале и дел од албанските избирачи, и покрај тогашното неучество на ДУИ на изборите за шеф на државата. Иако Димитров има ист рејтинг како и Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ, односно има мала предност пред Пендаровски (8,2 наспроти 6,8), функционери на СДСМ ги оценуваат бројките од последната анкета како релативни, со оглед на интерните анкети што ги правела редовно партијата во однос на рејтинзите на министрите. Наводно, во тие анкети Димитров сè до референдумот за името фигурирал како најпопуларен член на Владата по премиерот Заев. Но потоа, според информациите, се бележи одреден надолен тренд за сметка на рејтинзите на Шекеринска и на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кои, пак, во оваа сондажа на МЦМС заостануваат со 2,4 и 1,4 отсто доверба. Што се однесува до расположението во партиската база, најновата анкета покажува дека, по Заев (36,6 проценти), втор според рејтинг кај социјалдемократите е Пендаровски – со 19,8 отсто, а потоа е Димитров со 13,6 проценти. Според проценките, ваквите резултати укажуваат на тоа дека социјалдемократите не инсистираат на тврдо партиско решение за претседателски кандидат, со оглед на тоа што Пендаровски, а уште помалку Димитров се личности од партиското јадро. Впрочем, со понеутрални кадри СДСМ настапи и во последните изборни циклуси за шеф на државата – со Пендаровски во 2014 и со Љубомир Фрчкоски во 2009, за разлика од 2004 година, кога претседателски кандидат беше тогашниот партиски лидер Бранко Црвенковски.
Она што паѓа во очи во анкетата на МЦМС е дека не фигурира воопшто универзитетскиот професор Денко Малески. Неговото име излезе прво во јавноста како можен претседателски кандидат на владејачкиот табор, поточно како посакувана опција на ДУИ за консензуален кандидат. Првичните реакции во јавноста за таа можна кандидатура, главно, беа позитивни.

Александра М.Митевска