Димитров и Захариева: Договорот за добрососедство што поскоро да влезе во сила

Струмица – Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија може да влезе во сила до крајот на годината, е најавата од денешните разговори на министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Екатерина Захариева, а во рамки на првата заедничка седница на владите на двете држави. Шефовите на дипломатиите изјавија дека ќе вложат напори парламентите во Скопје и во Софија што поскоро да го ратификуваат договорот.

-Ја поздравуваме бугарската Влада што ја внесе ратификацијата на договорот во Народното собрание. Се надевам дека до крајот на годината или на почетокот од следната и ние ќе го ратификуваме, изјави Димитров.

Бугарската министерка Захариева изјави дека се радува на заедничката седница на двете влади во Струмица.

-Многу се радувам што нашите влади се сретнаа денеска во Струмица зашто 18 години не сме имале меѓувладина седница, изјави Захариева.

Таа изрази оптимизам за европската интеграција на Балканот по поддршката од страна на Фредерика Могерини и Жан Клод Јункер кои, како што рече, го посочија регионот како еден од најважните приоритети на ЕК.

Димитров и Захариева денеска потпишаа и Платформа за активирање на соработката меѓу двете министерства.

Потпишувањето на Платформата е потврда на заемната желба на двете држави да за продлабочување и развој на добрососедските односи и воспоставување основа за соработка во области од заемен интерес.

Со документот се предвидуваат редовни консултации на ниво на министерствата за надворешни работи и дипломатските претставништва. Една од целите на документот е да се создадат работни тела за следење на исполнувањето на договорот за пријателство, добрососедство и соработка.

Двете министерства за надворешни работи ќе работат и на синхронизирање на позитивните пораки и надминување на негативните одгласи/ставови во јавноста.

Бугарската страна ја реафирмира готовноста за поддршка на Македонија во однос на стратешката цел за членство во ЕУ.