Дефицитарните кадри од земјава седат дома

Додека на пазарот на труд постои дефицит од медицински сестри, бројот на оние што остануваат без работа секојдневно расте. Повеќе од четириесет медицински сестри, кои со години работеле во концесионерски амбуланти, односно во приватни здравствени ординации, седат дома, останале без работа оти по пензионирање на лекарот или поради смрт ординацијата била затворена. Иако имаат работено и во јавното здравство, не можат повторно да бидат ангажирани во установите бидејќи времениот законски рок за нивно враќање завршил. Во ваква ситуација се нашле медицинските сестри Јагода Младеновска, која има дури 32 години работен стаж, од кои 20 во јавното здравство и 12 во приватното, и Јорданка Петровска, на која ѝ остануваат уште шест години до пензионирање. И двете сега се технолошки вишок. Јагода пред седум месеци останала без работа, докторот на приватната амбуланта каде што работела се пензионирал, а ординацијата била ставена под клуч. Јорданка, пак, била вработена во ПЗУ „Голема Богородица“ во битолското село Кравари. Докторката со која работела починала пред четири месеци, при што таа се надевала дека ќе остане и натаму да работи и дека ќе има нов доктор со договор од Министерството, ама тоа не се остварило.

„Се приватизиравме во септември 2006 година и моравме да потпишеме договори со докторот во амбулантата дека остануваме да работиме со него. Оттогаш како да нè исфрлија од јавното здравство и никој не праша дали ни е добро и не нè заштити. Законот траеше до септември, за пет месеци не бев опфатена. Од Министерството одговорија дека кога ќе се ликвидира ординацијата тогаш ќе може да се вратам во јавното здравство. Се ликвидира ординацијата, но Законот престана да важи. Конкурирав на неколку места, имав негативен одговор, до пензија имам уште 10 години“, рече Јагода.

„Работев во друга смена со надеж дека ќе има нов доктор. Имаше замена и дотогаш работевме. Потоа докторот замина на специјализација, а јас останав да работам до 11 септември, потоа користев одмор, а од 12 октомври сум технолошки вишок иако не по моја вина“, додаде Јорданка.

Претседателката на Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри, предводена од Здружението „За нас“, Горданка Бешлиовска вели дека времената мерка од Законот за здравствена заштита од две години истече во септември 2017 година за медицински сестри, а во февруари годинава за стоматолошки сестри.

„По завршувањето на времената законска рамка минатата година, сите нивни барања по затворањето на ординациите во кои работеле се одбиени со образложение дека се надминати сите рокови и по никаков основ не можат да се вратат повторно во јавното здравство. На конкурсите што се распишуваат на јавните здравствени установи не се конкуренти бидејќи се возрасни и немаат начин како да се вратат во јавното здравство. Во Министерството за здравство има разбирање за нивните проблеми и ги знаат. Дали во Македонија има друга таква професија каде што секој ден професионалци остануваа без работа? Нема ден од кој било град да не ми се јават да ми кажат дека се останати без работа. Имаме неофицијална информација од Здружението на лекарите дека паралелно со сестрите без работа остануваат и помладите доктори кои работеле во ординациите кои се затвораат“, подвлече Бешлиовска.

Друг проблем, додава Бешлиовска, е тоа што законот предвидува, ако се бара предлиценцирање по каква било основа на ординацијата, се бара сестрата да се преквалификува во општа струка за да може да продолжи да работи со истиот доктор. Министерството за здравство е запознаено со проблемите на медицинските сестри за што Унијата добила ветување дека ќе има измени и дополнувања на законот. Се жалат дека имаат и друга мака, дека нема закон за сестринство.

Министерот за здравството Венко Филипче за „Независен весник“ вели дека Министерството направило измена на Законот за здравствена заштита во кој се предвидува враќање на медицински кадар од приватните здравствени установи основани под закуп во здравствените домови во јавните здравствени установи. Следната недела ќе го пуштат во процедура во Влада.

„Врз основа на интересот предвидуваме и враќање во јавното здравство и за докторите на медицина, стоматолози и фармацевти. Посебен дел во тој Закон има за медицинските сестри кои работат кај концесионер кој отишол во пензија да може да се вратат во јавно здравство без оглас. Тој закон следната недела го пуштаме во процедура, најпрво во Влада, па во Собрание. Ние разговаравме со медицинските сестри и им кажавме дека направена е измената“ рече Филипче.

Вероника Мароска-Леова