Дескоска: Унгарија може да отповика одлука за азил

Унгарија има нов Закон за азил, кој е мошне рестриктивен. Тој предвидува и можност за отповикување на одлука за азил. Исто така, доколку Никола Груевски не добие во меѓувреме унгарско државјанство или жителство во земјата, тогаш дозволата за азил се преиспитува редовно на неколку години. Ова го посочи денеска министерката за правда Рената Тренеска Дескоска во врска со објавата на поранешниот премиер дека му е одобрено барањето за азил во Унгарија, пред таму да стигне барањето на амкедонските власти за негова екстрадиција.

Дескоска посочи дека ова не е прв случај Македонија да бара екстрадиција од Унгарија и дека досега немало проблеми во однос на тоа.

-За нас беше очекувано дека за барањето за екстрадиција ќе се одлучува откако ќе  има решение за барањето за азил. Барањето за екстрадиција на Груевски е темелно образложено и очекуваме дека унгарските власти ќе ги имаат предвид сите аргументи. Ова не е прв случај да се бара екстрадиција од Унгарија. Досега немало проблеми и се надеваме дека ова нема да биде прво барање за екстрадиција што ќе биде одбиено, изјави Дескоска.