Дескоска : Се уште немаме одговор дали ќе одобрат екстрадиција или не

ЕУ ќе треба да даде одговори на некои прашања, да почне отворен дијалог и да каже, дали има привилегирани граѓани или темелот на правото и неговиот основниот концепт е еднаквост на сите, рече министерката за правда Рената Дескоска во вечерашното гостување на 24 Анализа.

Како ЕУ ќе објасни, истакна Дескоска, дали се релевантни извештите на ОБСЕ која цело време врши мониторинг на судските постапки што ги спроведува СЈО. Во овој контекст потсети дека Македонија во ниту еден извештај на ЕК не е цитирана како несигруна земја или земја со безбедносни ризици.

Според министерката, нема конкретен, прецизен рок во кој Унгарија може да одговори на постапката за екстрадиција. Постапката, рече, оди пред судовите, а конечната одлука за испорачување на лицето ја носи министерот за правда.

-Одговор се уште немаме. Но, коректно е да добиеме, независно дали ќе одобрат екстрадиција или не. Очигледно, станува збор за посебен статус на бегалец. Ова не е работа што Груевски сам ја направил. Сите чекори преземени од Унгарија се однапред планирани и ако се оди по правна процедура, нема дилема дека немаше да добие азил. Јасно е дека мотивите се политички. Одлуката е политичка, а не правна, истакна Дескоска.

Нагласи и дека Владата прави напори да го врати Груевски. Ќе ги искористи сите правни средства и ќе побара повлекување на одлуката за азил.

-Товарот ќе остане на Унгарија, да одговори на нашите правни барања. Но, многу е битно и каков ќе биде ставот на ЕУ кога една нејзина членка оди спротивно на единствениот концепт и принцип на владеење на правото, дополни Дескоска уште еднаш повторувајќи дека барањето за азил на Груевски е неосновано а барањата за негова екстрадиција се испратени.

Нејзин став е дека треба да се почека истрагата да покаже која од македонските институции е одговорен за бегството на Груевски.

Во врска со настаните од 27 април и се почестите најави за можно помирување или помилување, подвлече дека процесот треба да се надмине, но апсолутната неодговорност, според неа, носи тешки последици. Амнестијата да не се врзува за поединци, туку за кривични дела.

-Помирувањето не смее да значи исклучување на одговорноста. За сите што влегоа во Собранието и  учествуваа во насилствата, планирале и организирале линч на луѓе, не треба воопшто да се разговара, но тоа е мојот личен став, а јас не одлучувам, децидна е министерката за правда.