Дескоска: Можни се само технички измени на Законот за референдум

Законот за референдум е застарен и не е прилагоден на Изборниот законик кој се носеше подоцна. Сепак, нема сѐ уште конечен став дали Законот за референдум ќе се менува пред престојното изјаснување за договорот за решавање на спорот за името, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска. Таа најави дека ако се прават измени тие ќе бидат од технички, а не од суштински карактер.

– Во моментов немаме донесен конечен став околу тоа дали ќе се оди со измена на Законот за референдум или не. Имаме предвид дека станува збор за закон кој е стар и не е усогласен со Изборниот законик.  На пример, во текстот на Законот за референдум има повикување на на законот за избирачки список, кој веќе не постои, туку е дел од Изборниот законик. Понатаму стои повикување на закон за избор на пратеници кој исто така не постои и сега е исто така дел од Изборниот законик. Исто така, делот што се однесува на заштитата на правото на гласање се разликува од заштитата на избирачкото право. Со Законот за референдум е предвидена жалбена постапка пред Врховниот суд, додека Изборниот законик реферира на постапка пред управните судови, рече министерката за правда.

Референдумското прашање ќе го дефинира Собранието, вели Дескоска, зависно кога би се одредил датум за референдумот.

– Од распишување на референдумот до гласање може да поминат најмногу 90, а најмалку 60 дена. Тие се законските рокови, рече Дескоска.

Од Министерството за правда, вели таа, досега не се побарани активности во однос на референдумот.