Денес судења за „Топлик“ и „Труст“

Во Основниот суд Скопје 1 за денеска е закажано рочиште за предметот на СЈО „Топлик“, во кој осомничени се шест лица, меѓу кои и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески за продажбата на градежна парцела во скопско Сопиште.

Во овој случај првоосомничениот, како раководно лице во Министерството за транспорт и врски, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни надавања на која и наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс Сончев град во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.

Од доказите, според СЈО, произлегува дека поради раскинувањето на договорот по вина на Министерството, тоа се обврзало во износ од 1 милион евра да му исплати долг и затезна камата на правното лице „Сан сити“.

Денес исто така во Кривичниот суд  денеска треба да се одржи ново рочиште за предметот  „Труст”, во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет”, „Силекс” и „Вато” ДООЕЛ, за учество на тендер на Електрани на Македонија.