Денес прослави за Денот на албанската азбука

Албанците во Македонија денеска го одбележуват Денот на албанската азбука – 22 Ноември, денот кога точно пред 109 години во Битола беше унифициран албанскиот јазик и неговото писмо. Во текот на денот ќе се одржуваат низа културни и литературни активности во Битола, Скопје и во други градови.

Вицепремиерот задолжен за спроведување на Рамковниот договор ќе организира свечен прием по повод Денот на албанската азбука, а на настанот  ќе учествуваат доајени на албанското образование и просветни работници.

Владина делегација предводена од вицепремиерот Фазби Лика попладне ќе го посети Музејот на албанската азбука во Битола каде што ќе биде отворена изложба на портрети на делегати кои пред повеќе од еден век учествувале на Битолскиот конгрес. Одбележувањето ќе биде заокружено со концерт во Центарот за култура во Битола.

Активностите за Денот на албанската азбука, кој е неработен ден за Албанците во Македонија, почнаа вчера со научна трибина во Битола, на која учествува истражувачи на албанологијата од државни институции во Македонија, Косовo и Албанија. Конгресот во Битола бил отворен на 14 ноември и траел до 22 ноември 1908 година. Учествувале 50 делегати од 26 градови, клубови и друштва. На Конгресот била усвоена одлуката да се прифати латиницата со извесни промени на буквите адаптирани на особеностите на албанскиот јазик. Во Битола тогаш присуствувале албански интелектуалци од целиот свет, зашто градот бил конзулски центар и безбедно место.