Денес без училиште и со лимитирано работно време

Печење на очите, често кивање, отежнато дишење, гребење на грлото се дел од симптомите што ги почувствувале граѓаните изминативе денови кога аерозагадувањето досигна и над осум пати повисоки вредности од максимално дозволените. Повеќе работа од вообичаено има Итната медицинска помош во Скопје, вели раководителката на службата Милица Бубало. Во овој период кога преовладуваат променливо време, голема влага, загадување во воздухот и промени во воздушниот притисок, посочува таа, дневно имаат до 120 повици, а граѓаните најчесто се жалат на малаксаност, замор, вртоглавица, промени во притисокот. Препорачува хронично болните навремено да ја земаат пропишаната терапија од лекарите и без голема потреба да не излегуваат надвор кога има магла и загадувањето на воздухот е зголемено.

„Кај нас најмногу од аерозагадувањето се жалат хронично болните. Чувствуваат гушење, печење во грлото, кашлица. Пациентите треба редовно да пијат терапија пропишана од лекар, да користат заштитни средства, како распрскувачи на воздухот и поретко да ги проветруваат просториите“, вели Бубало.

На одделите на Клиниката за детски болести се хоспитализирани 130 пациенти, а капацитетот е 180. Околу 30 деца, пак, се третираат во дневната болница. Од Клиниката велат дека во однос на патологијата, децата што се прегледуваат се со респираторни и стомачни вируси кои се придружени со високи температури и до сега на Клиниката нема изолирано пациенти со грип. Во моментов нема зголемен број на деца кои се јавиле на Клиниката поради проблеми со загадувањето

„На Клиниката за Детски болести дневно се прегледуваат околу 30 деца во прва и околу 20-ина деца во втора смена. Се работи за помал број на пациенти кои доаѓаат на Клиниката со приоритетни упати од матичните лекари. За време на викендите, во период од 24 часа, има околу 140 прегледи. Нема зголемена фреквенција во однос на минатите години или во однос на претходниот период“, велат од Клиниката.

Владата во неделата донесе итна мерка за продолжување на зимскиот распуст за два дена, заклучно со денес, поради континуирано зголемените концентрации на загадувачки честички во воздухот во повеќе градови во Македонија.

„Одлуката се однесува на сите ученици од сите јавни и приватни основни и средни училишта во Македонија, а е донесена преку итна координација на Министерството за образование, Министерството за животна средина и Министерството за здравство. Училиштата ќе бидат во функција, но учениците нема да посетуваат настава во наведениот период“, подвлекоа од Владата.

Владата активираше и итни мерки поради алармантното загадување на воздухот, со кои ги задолжи надлежните министерства. Така, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за здравство се должни да препорачаат на сите работодавачи да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, а со препорака на матичен лекар. Работодавачите треба да го реорганизираат работното време и лицата што работат на отворено да работат од 11 до 17 часот. Да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворен, како и да се обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа, пак, потребно е да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници и да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

 

Вероника Мароска-Леова