Денеска ќе има пресуда за уште еден обвинет за насилствата во Центар

Кривичниот суд-Скопје денеска треба да ја донесе пресудата за петообвинетиот во предметот на СЈО „Насилство во Центар“ Јордан Ристевски, кој вчера на рочиште призна вина.

Судењето на останатите останати 13 обвинети во предметот „Насилство во Центар“, е закажано за 7 декември.

Обвинетиот Ристевски ја призна вината и пред судијата и обвинителите од СЈО, одлучи да се застапува сам, без помош од адвокат. Неговиот досегашен бранител Боро Ристевски, го откажа полномоштвото за застапување, бидејќи, како што кажа, и самиот е изненаден од признанието на вина на неговиот клиент.

– По минатото рочиште откако ги разгледав делата за кои сум обвинет, сакам да кажам дека го признавам стореното и чувствувам длабоко каење –  рече Ристевски вчера во судницата.

Претходно, како што МИА објави, обвинителката Фатиме Фетаи побара постапката за него да се раздвои и судењето за него да продолжи веднаш.

Вина за настаните пред општина Центар во јуни 2013, преходно призна и четвртообвинетиот Томислав Лазаров, кој во раздвоена постапка доби условна шестмесечна казна, доколку во рок од две години не стори друго кривично дело.

Обвинителката Фетаи вчера рече дека очекува одлуката која ќе ја објави судот да биде иста пресуда како во случајот со Томислав Лазаров.

По однос на останатите обвинети, истакна дека главната расправа ќе продолжи на 7 декември, бидејќи еден од адвокатите на тројца обвинети во овој предмет бил оправдано отсутен, а за да му се овозможи на секој обвинет неговото основно право да има бранител во постапката, прифатиле да се одложи главната расправа.

На вчерашното рочиште присуствуваше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој е обвинет во предметот, а на излегување од судницата изјави дека не се чувствува виновен за обвинението и дека не се плаши од никаква санкција.