Демократски сојуз: Иванов да го потпише указот

Демократскиот сојуз го повикува претседателот Ѓорге Иванов, да го потпише указот за ратификација на Договорот помеѓу Македонија и Грција со кој се деблокираат евроатласките процеси и се создаваат реални можности да добиеме покана за полноправно членство во НАТО и да започнат преговорите за влез во Европската Унија, се вели во соопштението партијата.

„Доколку и натаму опстојува на ставот дека нема да го потпише указот, тогаш го повикуваме Иванов, веднаш (вечерва), Законот за ратификација на договорот, да го врати назад до Парламентот, за да може да се гласа повторно и за истиот заврши постапката за ратификација. Доколку и натаму ја опструира постапката за евроатланските процеси, ќе се соочи со политичка и кривична одговорност. Демократскиот сојуз смета дека никој нема право да ја попречува и одолговлекува постапката за непосредно-референдумско изјаснување на граѓаните за полноправно членство во НАТО и ЕУ. За овој Договор со кој се јакне државноста и националниот-македонски идентитет и јазик, како и унитарноста на Република Македонија, треба да се отвори широка јавна дебата и извесно е дека ваквиот договор ќе добие огромна поддршка од граѓаните“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.