Дебата за кандидатурата на Скопје за Европска престолнина на културата во 2028 година

Во Универзалната сала денеска ќе се одржи конференција, каде граѓаните и професионалната јавност ќе бидат информирани за значењето на титулата Европски град на културата, начинот и процесите до поднесување на апликацијата за таа престижна европска титула.

Настанот ќе се одржи по повод интересот на Град Скопје да се кандидира за Европска престолнина на културата во 2028 година.

Најавено е обраќање на градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, а како што информираа од Град Скопје, поканети се и високи претставници од Пловдив, Бугарија – Европска престолнина на културата 2019 година и Љубљана, Словенија – град кандидат за Европска престолнина на културата за 2025 година, кои ќе ги споделат своите искуства.

Во месец септември оваа година се формираше работна група која го отпочна процесот на работа на иницијативната Скопје Европска престолнина на културата 2028, координирана од Робер Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка во кабинетот на премиерот Зоран Заев.

Работната група составена од експерти во полето на културниот менаџмент, стратешко планирање, одржлив развој и застапување работеше на иницијално истражување на значењето, процедурите, начинот на аплицирање за Европска престолнина на културата 2028 и развој на концепт и организација на овој настан.

Оваа работна група проширена со професионалци од сферата на културата, образованието, бизнис секторот, труд и социјала и евроинтеграциите од институционалниот и граѓански сектор како и со претставници на локалната самоуправа на град Скопје, на 14 и 15 ноември ќе одржи дополнителни работни сесии од затворен карактер водени од Давор Бујинац, експерт за културна политика и проектот Европска престолнина на култура, од Љубљана и Ирена Крегер Шегота, директорка на секторот за развој и стратешки партнерства на Европска престолнина на културата Риека.

Фото: Б. Грданоски