Дачиќ: ЕУ ни се лути што употребуваме Република Македонија

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, во интервју за телевизијата „Хепи“ повторно се врати на прашањето за уставното име на Македонија тврдејќи дека овој пат Европската Унија била лута бидејќи официјален Белград го користи името Македонија, а не БЈРМ.

„Од ЕУ нѐ предупредуваат бидејќи го користиме терминот Република Македонија, имаме проблеми во преговорите со ЕУ… велат мора да биде БЈРМ. Ни маваат чврги што сме ја признале Македонија под нејзиното уставно име, Грците се лутат, ЕУ се лути, а Македонија гласа за Косово во УНЕСКО. Сакате да бидеме пријатели? Сакаме, ама тоа мора да биде обострано“, изјави Дачиќ во интервјуто.

Според него, во Македонија сѐ уште владее мислењето дека Србија работи против земјата, иако тие повеќе пати го негирале тоа.
Во однос на состојбите во регионот, Дачиќ изјави дека само слеп човек може да верува дека е ставена точка на проблемите на Балканот. Регионалните конфликти, според него, ќе траат додека траат причините за проблемите, а ако проблемите се ставаат под тепих, ќе се сопнете од тепихот.

„Дали се отстранети проблемите поради кои избувнаа војните на Балканот, не се. Ова е само пауза меѓу некои нови судири, не заради Србите, туку заради нерешените прашања на Балканот. Ако големите сили не го сфаќаат тоа, прават проблем и ќе се вртиме во круг“, изјави Дачиќ.

Во врска со притисоците од големите сили врз земјите кои не го признале Косово, тој директно ги споменува САД, Велика Британија и Франција.
„Не можам да кажам дека тие ни се пријатели, нека извини претседателот Вучиќ, тие не работат за нашите интереси, туку работат против нашите интереси. Можам да ги почитувам како партнери, но далеку од тоа дека ни се пријатели“, вели српскиот шеф на дипломатијата.
Дачиќ уште порача дека ако Америка ја анализира соработката на Србија со Русија и ако имаат нешто да кажат, нека дојде самиот Доналд Трамп или Рекс Тилерсон да каже.

„Нема да слушам тоа да ми го зборува Хојт Брајан Ји, тој може кај мојот помошник, заменик…“, додава Дачиќ.
Од друга страна, вели тој, „Русите ни се пријатели и наши браќа“ и Русија нема да дозволи Косово да стане член на ОН бидејќи има право на вето.