Данче Станковиќ, уметница: Муралот како тренд кај нас доцни
Изминативе неколку години повторно заживуваат муралите, неколку осамнаа на јавни институции низ Македонија, како и на населени згради. Изработени се од професионални и аматери уметници од домашната сцена, но и од странство. Се почесто луѓето се одлучуваат за да ги ишараат ѕидовите од своите домови. Еден од поактивните аматерки сликарки кај нас е и младата Данче Станковиќ, која има разубавено голем број на домови, но и излози од кафулиња, ресторани, приватни училишта и слично.
Тоа што Данче не е професионална сликарка не е воопшто недостаток, напротив претставува инспирација дека со талент и љубов кон она што се работи можеме многу. Нејзините први цртежи почнуваат од детските соби, игротеките. Ги има насликано поголемиот број цртани херои, како Мини и Мики Маус, убавиците Елса и Ана од популарниот цртан Фроузен, потоа Снежана, сирената Ариел и познатите дизниеви дворци.
Луѓето најчесто ја контактираат преку социјалните мрежи и преку нејзините две Фејсбук страници „Детски ѕид“ и „Данче Станковиќ – Мурал артист“
Данче вели дека детски мурали се покажуваат како и најбарани од страна на клиентите, а нејзиното мислење е дека луѓето сè уште не се запознаени одблизу со сите можности на муралот.
– Мотивите за деца се интересни за работа, секогаш се предизвик и секогаш имаат различна техника на изработка. Многу е важно каде ќе се постави. Обично клиентите одвојуваат еден празен и голем ѕид за кој првично дебатираме. Ама на лице место можностите се многубројни, а јас успевам успешно да ја доловам нивната замисла, многу често во мој стил што на луѓето им се допаѓа – вели Станковиќ.
Во овој период од годината се почесто ги гледаме излозите од бутици, кафулиња, маркети, продавнички и ресторани насликани со мотив на зима, снег, новогодишни елки, поклончиња, дедо мразовци…Се во знакот на предновогодишната еуфорија.
– Излозите и прозорите ми се како некој годишен одмор. Периодот околу празниците ми е пребукиран со цртање на стакло, ама иако тогаш работам буквално без слободен ден, мене ми е една оддишка од муралите кои ги работам цела година. Можеби е тренд кој кај нас доцни, но во светот оваа работа е постара и од мене – вели Данче.
Нејзиното секојдневие поминува динамично, опремена со многу четки за цртање, многу бои, секое утро е подготвена некому да му го обои денот.
– Агендата не можам да ја испланирам добро секогаш. Некогаш наједноставните мотиви можат да ми одземат цел ден. Некогаш непланирано завршувам многу бргу, па останатото време ми доаѓа како награда за одмор. Некогаш почнувам да работам многу рано, некогаш подоцна, а помалку – вели нашата сликарка.
Како и секој уметник по душа, кој создава со своите раце, така и Данче, поврзана е со секое свое дело, но признава дека на едно од нив е посебно горда.
– Најгорда сум на „Танцувачите“ во Лептокарија, првата моја слободна изработка. Муралите кои ми биле најголем предизвик изненадувачки беа најлесни за работа. Имав еден тигар кој мислев дека ќе го работам неколку дена, а веројатно заради тремата успеав да го сработам за четири часа. И на него сум горда иако не сум љубител на таквите мотиви – вели таа.
Материјалите се исти и за цртање на стакло и за цртање на ѕид, само техниката е друга. Вели дека муралот е лесно да се коригира, додека стаклата бараат целосен нов концепт доколку нешто не е во ред.
– Освен квалитетни четки и бои и секако желба, ништо не е потребно за лесна работа – порачува таа.
Ивана Настеска
Фото: Борис Грданоски / приватна архива