Дали архиварот Трајковски водел дупла архива во Царина?

Дали во Царината се водела дупла архива? Дали документи што доаѓале на адреса на Царинската управа завршувале во ВМРО-ДПМНЕ? Дали архиварот го почитувал кодексот на работење? Овие прашања се поставуваат во и надвор од Царинската управа, откако институцијата соопшти дека ќе испита имало ли злоупотреба во отсуството од работа на Александар Трајковски, кој додека користел боледување беше фотографиран во Будимпешта со поранешниот премиер Никола Груевски. Трајковски во Царинската управа работи како архивар.

„Архиварот ги отвора сите документи без ознака за тајност. Но од каде да знаеме дека не копирал и доверливи документи за партиски потреби. Во архива стигнува документација за јавни набавки, за стоки за двојна употреба, документи со цени, такви каде што има податоци за контроли и за истраги… сè до фактури за службени трошоци“, неофицијално укажуваат извори од Царинската управа.

Официјално, Царинската управа соопшти дека инспектори од Секторот за професионална одговорност од Трајковски побарале изјава за отсуството и тој доставил извештај за привремена спреченост за работа, поврзан со неговото отсуство. Исто така, отворена е истрага и побарани се докази и извештаи од Фондот за здравствено осигурување.

„Истрагата е поврзана со почитувањата на правилата за ред и дисциплина на Царинската управа, Законот за работни односи (член 81) и Колективен договор. За текот на истрагата и резултатите од можна злоупотреба на отсуството согласно актите на Царинската управа и законските прописи, медиумите ќе бидат навремено информирани“, соопшти Царината.

Александар Трајковски е советник на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Гази Баба. Тој е еден од обвинетите во предметот на СЈО „Насилство во Центар“, а на последното рочиште рече дека бил во Унгарија поради специјалистички преглед за синусите и дишните патишта. Наводно, во Будимпешта заминал по второ мислење за болеста, незадоволен од третманот во земјава, а за тоа приложил и медицинска документација.

Анита Салтировска