Грчкиот печат за потпишувањето на Договорот во Преспа

Како и во изминатите денови, македонско – грчкиот Договор и понатаму е во фокусот на медиумите, политичарите и општеството во Грција.

Потпишувањето во Преспа беше главна тема во синоќешните централни изданија на вестите на грчките телевизии,  утрово тема на дискусија, на моменти и жестока, меѓу претставници на грчките политички партии во утринските дебатни емисии, но и централна тема на насловните страници на грчките весници.

Неизбежно сите медиуми, особено го истакнаа моментот кога македонскиот премиер ја извади вратоврската и му ја даде на неговиот грчки колега. Дел од медиумите коментираат дека Ципрас собира вратоврски на патот до олеснување на грчкиот долг. Грчкиот премиер има неколку пати јавно изјавено дека доколку се реши проблемот со долгот на земјата тогаш ќе стави вратоврска.

Во зависност од ориентираноста на медиуми, секој весник различно го виде Договорот меѓу Македонија и Грција. Едни со комплетно позитивни, други со не толку оптимистички натписи.

МИА ги пренесува денешните насловни страници во грчкиот печат.

Етнос

„Облогот од езерото“ е централниот наслов на весникот „Етнос“ и коментира дека сега доаѓаат тешките работи за да се затворат договорените точки. Весникот кој пишува дека потпишувањето на Договорот во Преспа е историски момент, вели дека во кабинетот на Ципрас постои задоволство од разврската на еден ден по потпишувањето.

Елефтерос типос

Под наслов „Потпис за отстапување“, весникот „Елефтерос типос“, ја критикува владата дека ги отстапува името, македонскиот јазик и државјанството.

– Заев во неговиот говор го злоупотреби Договорот и пет пати спомена „Грци и Македонци“. Ниту збор од Ципрас за Македонија, а Коѕијас му пееше „Happy birthday“ на Нимиц, пишува весникот и  ги спомнува и инцидентите што се случија за време на протестот во близина на Преспа.

Ефимерида тон сидактон

Со фотографија од Преспа на двајцата премиери пред македонското и грчкото знаме и коментар „двајцата што обединуваат“, а дијагонално од нив фотографии од лидерите на опозициите во двете земји, Христијан Мицкоски и Кирјакос Мицотакис и коментар „двајцата што разделуваат“ е насловната страница на весникот „Ефимерида тон синдактон“.

Та неа

Со две фотографии, едната на двајцата премиер и наслов „Владата слави“, а другата од инцидентите во близина на Преспа со натпис „Јавноста протестира“ и  наслов „Завршена работа името, националноста и јазикот“, е денешната насловна страница на весникот „Та неа“, под централен наслов „Северна Македонија со потпис на СИРИЗА и Независни Грци“.

Авги

Весникот „Авги“ што важи за гласник на СИРИЗА, пишува дека со потпишувањето на Договорот се врти нова страница и започнува нова ера.

– Договорот е темел на безбедноста, стабилноста и просперитетот на Балканот и во Европа, пишува весникот.

Естиа

„Срамота Алексис! Не го кажа зборот Македонија на грчка територија“ – е централниот наслов на весникот „Естиа“, со коментар дека грчкиот премиер отстапил име, а земал вратоврска.