Грција ја стави Македонија на даночна „црна листа“

Грчкото Министерство за финансии објави „црна листа на даночни раеви“, земји кои во 2016 година се сметаат дека не соработувале во даночната област, меѓу кои се и Македонија, Бугарија и Кипар.

Грчките медиуми јавуваат дека речиси сите договори склучени со фирми и физички лица од Македонија се подложни на даночна ревизија. Тоа значи дека трансакциите на грчки фирми со компании од 43-те држави од списокот, меѓу кои е и нашата земја, нема да се сметаат за деловни трошоци освен ако не се докаже „автентичноста“ на трансакцијата.

Поконкретно, на грчките компании кои тргуваат со земјите од „црната листа“, даночните власти нема да им го одбиваат од трошоци бруто приходот платен на физичко или правно лице кое е жител или е регистрирано во еден од овие 43 даночни раеви.

За да ги идентификува специфичните трошоци, даночниот обврзник ќе мора да покаже дека овие трошоци се однесуваат на вистински трансакции, а не се резултат на трансфер на добивка, доход или капитал со цел избегнување данок или затајување

Грчките даночни власти соопштија дека не се исклучува да бидат одбиени и трошоци на физичко или правно лице кое е даночен обврзник во земја-членка на ЕУ доколку постои правна основа за размена на информации помеѓу Грција и таа земја-членка.

На црната листа даночни раеви на грчкото Министерство за финансии, покрај Македонија се наоѓаат Сент Еустатиос, Сан Марино, Албанија, Андора, Ангвиља, Вануату, Бермуди, Босна и Херцеговина, Бугарија, Британски Девствени Острови, Гибралтар, Гернзи, Обединети Арапски Емирати, Јордан, Ирска, Катар, Косово, Кипар, Лихтенштајн, Макао, Република Малдиви, Црна Гора, Молдавија, Монако, Монсерат, Бахами, Бахреин, Белизе, Бонер, Науру, Кајмански Острови, Маршалски Острови, Островите Туркс и Кајкос, Островот Ман, Узбекистан, Оман, Парагвај, Саудиска Арабија, Сејшели, Шри Ланка, Џерси и Унгарија.