Груевски сè уште не се пријавил во затворот „Скопје“

Поранешниот премиер Никола Груевски се уште се нема пријавено во затворот „Скопје“ во Шутка на издржување на двегодишната затворска казна за предметот „Тенк“, потврди за МИА директорот на затворот, Ѓоко Котевски.

Тој посочува дека од затворот утрово го известиле Кривичниот суд дека Груевски не се појавил доброволно во законски предвидениот рок.

Од Кривичниот суд, пак, велат дека денеска се прави нов обид да му се достави решението на Груевски и оти останува на судијата за извршување санкции да одлучи за натамошните чекори.

Откако Груевски ќе ја добие одлуката, би требало веднаш да се јави во затворот за издржување на казната за блиндираниот мерцедес.

Доколку Судот утврди дека Груевски избегнува да го прими решението ќе се пристапи или кон негово спроведување или кон распишување потерница.

Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 ги одби во петокот жалбите на Груевски и неговите адвокати и го потврди решението на судијата за извршување санкции со кое поранешниот премиер треба да се јави во затворот за издржување двегодишна казна за предметот „Тенк“.

Собранието на Република Македонија во петокот не му го одзеде пратеничкиот мандат на Груевски зашто немаше двотретинско мнозинство.