Груевски: СЈО призна дека „бомбите“ се монтирани

Експремиерот Никола Груевски денеска утврди дека Специјалното јавно обвинителство потврдило оти прислушуваните разговори се монтирани. Обвини дека против него се врши прогон, па неделно му се закажуваат и по четири судења, а тоа против Зоран Заев не може да почне две години. Изјавите ги даде пред Кривичниот суд во Скопје каде требаше да се одржат рочишта за случаите: „Насилства во Центар“ и „Траекторија“. Ниту едно, ниту другото не се одржаа, бидејќи во првиот случај во судницата немаше камери, кои требаше аудио и визуелно да снимаат, а вториот, бидејќи се поклопи со првиот.

Согласно член 12, став 2 од Законот за кривична постапка, тие креирани материјали не може да бидат доказ во судска постапка. Но, под притисок на власта – Апелацискиот суд во август донесе спротивна одлука, истите да се користат како докази. И покрај тоа, како што посочи, нашите бранители побараа да ги имаат и добија одговор дека не може од причина што ако ги добијат – можат да се контаминираат. Ако Обвинителството ги има примено од Зоран Заев, претпоставувате за што станува збор, односно дека е во прашање политички прогон за да се постигнат одредени политички цели“, истакна Груевски.

Адвокатите во „Траекторија“ бараа аудио снимките да им бидат дадени во аудио формат, а не само како транскрипти. За некои кои се на странски јазик, приговараат дека дури минатата недела им биле доставени преводи. Претходно, обвинителката Лиле Стефанова посочи оти тие имале доволно време да ги разгледаат доказите, добивале покани за искази, да ги разгледаат доказите и да ги слушнат бомбите за време на истражната постапка. За „бомбите“ рече дека ги има вкупно 315 и од нив им биле доставени транскрипти, а можеле да ги слушнат и во судот откако е поднесено обвинението. Судењето е одложено за 26 декември.