Груевски се сретна со Мета: Од соседните држави треба да се очекува политика на заемно почитување

Македонско албанските односи, актуелната политичка состојба и стратешките приоритети на Република Македонија беа главната тема на средбата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски со претседателот на Албанија, Илир Мета, на која присуствуваа и генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски и членот на Извршниот комитет, Александар Николоски.

Како што информираат од партијата соговорниците ги реафирмирале заложбите за отворена економска и политичка соработка меѓу двете држави базирана на принципиелна основа.

Груевски посочил дека во поглед на остварувањето на приоритетот за влез во НАТО значајна е поддршката на сите земји членки на алијансата вклучително и поддршката на Република Албанија, а воедно тој посочи постојат заеднички предизвици за напредок на патот кон Европската Унија, во чие надополнување соработката е добредојдена.

Груевски запознавајќи го својот соговорник за актуелните случувања во државата го отвори и случајот со притворот на Едмонд Темелко кој е единствениот Македонец по потекло градоначалник во Република Албанија.

Тој како што велат од партијата му потенцирал на Мета дека одлуката за притвор е резултат на политички притисок и не е заснована на правни принципи. Воедно Груевски изрази загриженост за неговата здравствена состојба која е влошена, и која е доказ за нечовечко однесување и постапување спрема човекот кој е борец за човекови права и градоначалник во општина во Албанија.

Груевски посочил дека од соседните држави треба да се очекува политика на заемно почитување и придонес за зајакнување и исполнување на приоритетите.

-Таквата политика ќе доведе до релаксирање на атмосферата и градење на доверба која е потребна за економски и политички напредок на регионот. Занимавањето и потенцирањето на етноцентристички теми и идеи не придонесуваат за развој на добра атмосфера и меѓусебна доверба истакнал Груевски.