Груевски: Предавниците на ВМРО-ДПМНЕ се виновни за поразот на изборите

Поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ чија неотповиклива оставка денеска беше потврдена на вториот ден од 16. Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ што се одржува во Валандово, како една од причините за изборниот пораз на локалните избори ја наведе нелојалноста, односно, како што рече, предавството на луѓе од партијата.

– И во моите средби со кандидатите за градоначалници по изборите и оние кои победија и оние кои загубија, и во моите средби со претседателите на ОК и на средбата со група ветерани на партијата, и во писмените материјали кои пристигаа од цела Македонија за целите на оваа анализа провејуваше, да не речам, доминираше зборот предавство. Чувството и информациите од сите страни беше дека после долг временски период голем број наши функционери на различни нивоа од различни мотиви и цели извршија класично предавство на партијата и тоа има значаен удел во крајниот резултат, рече Груевски, зборувајќи за наодите по Извештајот на Работната група за анализа на изборите што пред два дена го усвои Централниот комитет.

Груевски додаде дека причините поради кои некои претседатели или членови на месни комитети, на општински комитети, сегашни државни или партиски функционери, активисти со задача набљудувачи за ова, како што рече, предавство на партиските интереси, се различни.

– Некои тоа го направија заради влошени односи со кандидатите за градоначалници и сакајќи ним да им наштетат сите и наштетија на партијата, некои затоа што не биле избрани за кандидати на листи или за градоначалник, некои заради остварување на некој личен интерес од новата власт, некои заради пари и поткуп, некои заради страв да не бидат казнети или избркани од работа…, но крајниот исход е предавство на партијата од голем број поединци на значајни позиции, рече тој.

Точно се знае се, рече, за сите и секаде со име и презиме. Го прозва и политичкиот опонент СДСМ кој, според него, имал операција со кодно име „ВМРО“. Претставници на СДСМ, според него, со претходно добиени списоци потсетувале членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ во три фази од јуни до октомври.

– Ваква провала се случува првпат во последните 15 години. Новиот претседател и новото раководство не смее да го игнорира ова. Ден порано треба да преземе енергични мерки за казни и отстранување на лицата кои постапиле несоодветно. Ако не го направи тоа, ќе се повтори истото на наредните избори и може пак да ги загубиме, рече Груевски.

Тој, исто така, побара повторно да се проверат сите факти и информации за, како што рече, некој да не настрада по грешка, но потоа побара да се делува без двоумење и одлучно.

Побара и замена на демотивираните и опуштени, со мотивирани членови на раководни партиски места.

Конгресот во првиот дел од работата го прогласи Груевски за почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

На конгресот на ВМРО-ДПМНЕ дојдоа гости од Фондацијата Конрад Аденауер, Меѓународниот републикански институт и Демократскиот национален институт.