Груевски: Одлуката за Конгрес беше едногласна, нема можност за колективно претседателство

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во оставка, Никола Груевски на својот Фејбук профил во врска со последните случувања во партијата и отвореното писмо од група членови на ВМРО-ДПМНЕ со кое се бара одложување на конгресот и зголемување на бројот на делегати, истакнува дека само на седница на Централниот комитет може да се одлучува за било какви забелешки и евентуални предлози за промена на веќе донесената одлука.

– За се во врска со било какви забелешки и за евентуални предлози за промени на веќе изгласаната одлука може да се одлучува само на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе има седница пред одрќување на конгресот. На истата седница на ЦК, секој ќе може да изнесе свои аргументи и предлози токму пред партиското тело кое ги носи најважните одлуки од овој тип, вели Груевски.

Додава дека одлуката за одржување на конгрес се носи со најмалку две третини од бројот на членовите на ЦК и оти евентуалната промена на одлуката може да се носи само со двотретинско мнозинство.

Напоменува дека одлуките за одржување на вонредниот конгрес и за бројот на делегати се донесени едногласно и оти ниту еден член на Централниот комитет не дал никаква забелешка и не предложил колективно претседателство.

За барањето да се назначи колективно претседателство до одржување на конгресот во февруари, Груевски посочува дека за тоа се потребни неколку услови и чекори меѓу кои и промена на Статутот на партијата со кој би се овозможило колективно раководство и одржување на посебен конгрес на којшто би се назначило колективното раководство.

Во обраќањето преку Фејсбук, Груевски уште еднаш истакнува дека останува неутрален во процесот на избор на претседател и ги повикува сите заинтересирани кандидати да ги соберат потребните потписи и да се кандидираат во предвидениот рок.

– Уште еднаш повикувам и апелирам да се внимава со јавните изјави кои се упатуваат кон органите на партијата и истовремено тоа се прави преку медиумите или социјалните мрежи со цел да не се направи политичка штета на партијата, вели груевски.