Груевски: Мандатот го почнав со еден нож во грб, а го завршувам со повеќе ножиња во грб

Сепак, ќе останат да ми ѕунат засекогаш зборовите на едни странски врвни експерти во политички кампањи кои ни помагаа во последната изборна кампања, и кои ден по првиот круг на локалните избори дојдоа кај мене да ми го кажат нивното видување на изборниот процес и кои при крајот на кратката елаборација ми рекоа: господине претседателе, една работа сакаме да ви ја кажеме лично која не е пријатна, а тоа е дека додека синоќа доаѓаа изборните резултати кои беа неповолни, во салата за состаноци Тодор Александров во која бевме триесетина луѓе, ваши најблиски соработници, гледавме тага на лицата на многумина од нив, но бевме изненадени што кај еден дел од вашите најблиски соработници видовме среќни лица, среќа која неможеа да ја сокријат.

– На позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ дојдов откако го напуштив банкарскиот сектор и брокерската работа, и 4 години посветив по 15 часа во министерството за трговија, една година, и уште три во министерството за финансии со бројни капитални проекти зад мене, како денационализацијата, воведувањето на ДДВ и фискалните сметки, реформата на платниот промет, враќањето на старите заробени девизи, либерализацијата на надворешната и внатрешната трговија, и редица други успешни и капитални проекти кои до ден денес се памтат, и за кои бев поканет и во соседна Србија како консултант на проект поддржан од УСА ИД, да помогнам во зајакнувањето на капацитетите на српското министерство за финасии, каде многу помогнав во реализација на дел реформите од овој тип. Искуството од владата и од позицијата претседател на комисијата за харти од вредност ми беа не само од голема корист, туку и подоцна одлична препорака за гласачите за тоа како работам, колку сум посветен, колку држам до дадениот збор и каков е мојот однос кон оние кои ми ја дале довербата, рече Никола Груевски на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој нагласи дека иако негов план пред влегување во политиката било да не се задржува подолго од 4-5 години, бидејќи имал други животни и работни планови, во еден таков момент, во една таква ситуација, во едни такви сложени околности во партијата и во државата, кога почуствувал дека е потребен и на ВМРО-ДПМНЕ, и пред се на Македонија, ја прифатил понудата на Георгиевски.

-Го прифатив предизвикот да ги ставам моите најубави години од младоста во служба на партијата, народот и државата, да бидам новиот водач на ВМРО, предложен токму од мојот претходник на оваа позиција Љубчо Георгиевски, на кого и покрај подоцнежните несогласувања, политички разлики и споротиставености, му се заблагодарувам за укажаната доверба и подршка, и со кого успеав по еден неколку годишен прекин да ги обновам и до ден денес да ги задржам пријателските релации и повремени средби, при што дел од политичките разлики останаа, но остана и човечкиот, партискиот и личниот однос и комуникација. По прифаќањето на челната позиција во партијата, следуваа тешки три години на ново докажување, деноноќна работа, внтрепартиски превирања, ниски удари, и крупни предизвици, низ кои поминавме, еден трнлив пат до победата во 2006тата на која секогаш ќе се сеќавам. Всушност тие први три години како водач на ВМРО, и последните три беа најтешките во 14 и пол годишното водење на партијата. Не по број на работни саати и решавање на проблеми, туку по т.н. византиски игри, подли, валкани и нечесни игри со кои бев принуден да се справувам, поле на кое не се чуствуваме на свој терен. Мојот долгогодишен соработник и еден од најбрилијантните умови на македонската политичка сцена, Мартин Протогер, кој освен што добро ги познава сите заткулисни игри од тој почетен период, уште подобро ги знае истите такви од последниот период, и особено последните неколку месеци, пред некој ден ми кажа како на некој пријател му рекол за мене, цитирам: човекот го започна мандатот во партијата со нож во грб, и го завршува со нож во грб. Го коригирав, и му реков, дека не е во право, и дека, го завршувам не со еден, туку со повеќе, и не ножеви, туку ножиња во грб, изјави Груевски.

Таков е животот и особено политиката, рече Груевски.

-Но, денес нема да зборувам, ниту за ножот, ниту за ножињата, тоа е приказна за други времиња и прилики, или можеби приказна која треба да остане само во мене и неколкумина околу мене засекогаш, кои беа сведоци на сите познати и повеќе непознати случувања во партијата, затоа што денес, како никогаш досега ни е потребно единство, кое ќе ги стави настрана сите негативни работи, единство кое ќе не обедини и однесе во победа, единство кое преку враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, ќе ја врати и посветеноста, работата, грижата и одговорното и отчетно работење во Македонија на една власт, ќе ги врати инвестициите, новите работни места, зголемувањето на стандардот, градбата на крупни инфраструктурни проекти, зголемувањето на животниот стандард, решавањето на многу проблеми со кои се соочуваат граѓаните, наместо сегашната хипокризија, и поигрување со интелегенцијата на народот и неговата доверба, рече Груевски.

Сепак, ќе останат да ми ѕунат засекогаш зборовите на едни странски врвни експерти во политички кампањи кои ни помагаа во последната изборна кампања, и кои ден по првиот круг на локалните избори дојдоа кај мене да ми го кажат нивното видување на изборниот процес и кои при крајот на кратката елаборација ми рекоа:

-Господине претседателе, една работа сакаме да ви ја кажеме лично која не е пријатна, а тоа е дека додека синоќа доаѓаа изборните резултати кои беа неповолни, во салата за состаноци Тодор Александров во која бевме триесетина луѓе, ваши најблиски соработници, гледавме тага на лицата на многумина од нив, но бевме изненадени што кај еден дел од вашите најблиски соработници видовме среќни лица, среќа која не можеа да ја сокријат. Навистина, драги мои сопартијци, еден дел од моите соработници, и тоа луѓе кои добија многу, пред се доверба и шанси, функции и големи привилегии и почести, во последните месеци не можам да ги препознаам. Но успеав тоа да го задржам длабоко во мене, да ја задржам присебноста и смиреноста, длабоко да се кршам во себе и да оставам сами да се заплеткаат и пропаднат во гробот кој го копаат за друг или во сплетките, дворските игри, лицемерието, дволичноста, неискреноста, алчноста, интригите и предавствата кои ги прават за друг. И така и ќе биде. Исто како низ историјата на ВМРО и Македонија, изјави Груевски.

Но, за среќа, во ВМРО-ДПМНЕ има многу силни личности, честити луѓе, луѓе со висок морал и капацитет, луѓе кои искрено ја сакаат оваа земја и нејзиниот напредок, и луѓе кои имаат чиста совест, јасна мисла, многу енергија и силни морални вредности. И тие се силата заедно со новите освежувања кои сигурно ќе дојдат, сила која ќе ги надмине предизвиците и ќе ја исправат неправдата која ни се нанесе.

-Начинот на кој успеа ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт во тие тешки времиња со многу работа, многу упорност, истрајност и верба, со многу скромни финасикси средства, но со идеја и визија, со мал, релативно неафирмиран, со чест на исклучоците, но високо мотивиран тим, со искрен пристап кон граѓаните, објаснување и убедување во исправноста на своите политики, со грижа за својот народ и заштитнички настроена кон националните и државните интереси, со добра комуникација со прествниците на меѓународната заедница, градење пријателства и нови коалициски релации и пред се многу работа, може да е и начин на кој повторно партијата ќе се врати на власт. Народот не очекува да види безгрешни луѓе во партиите. Ниту идеални. Народот, гласачите пред се очекуваат да видат во поединците во раководството пред се луѓе, човек, човечност, чесен пристап, искрен и отворен човек, стабилен и сериозен, и пред се со јасна визија и воља да направи нешто за сите. Човек кој може и да згреши и да се поправи, човек кој може да има лош ден, но и човек кој знае каде оди и што планира, и тоа да е чисто, а не матно и со задаскриени планови. Ако луѓето во новото раководство ова го разберат, враќњето на власт е сигурно и тоа брзо, изјави Груевски.

За разлика од пред 15 години, рече Груевски, денес е време на социјалните мрежи и кај некои политичари тоа има многу влијание.

– Сакам да им порачам дека ќе мораат да издржат тешки напади и обвинувања, многу често неправедни и да не влегуваат во конфликти, но и да не останат без одговор и објаснување. Голем дел од луѓето се водат од емоции, а ФБ на пример е еден вид медиум во рацете на секој човек. Најголем дел од луѓето водени од емоциите, без доволен број информации и често без целосна анализа знаат да изградат став, често многу критичен, дури и навредлив, да доболи, често и до коска. Утредента може нема да мислат исто, особено ако добијат дополнителна информација или анализа, или самите изградат своја анализа, но во моментот може многу да боли неправдата, неоснованото обвинување, оцрнување или невистина. Треба да се издржи, да се објаснува и да не се скршнува од патот кој претходно е зацртан. Секако ако е зацртан по детално анализирање од секој агол и добропромислено. Многу политичари денес почнаа да водат политика, која јас ја нарекувам ,,фејбук политика,,. Тоа е поведување по емоциите на масата народ, која често е недоволно информирана и гневна, и која едно збори кога е налутена и емотивна, а друго може да мисли кога трезвено ќе размисли. Затоа, потребно е внимателно градење на политиките но и да се опстои на нив пред дневните напади од разни страни. Со објаснување и информирање, а не со секојдневно менување на ставот согласно дневното расположение или наметнат тренд на фејсбук. Да не зборуваме дека денес во политиката многумина ги користат социјалните мрежи и за политички цели, и не секогаш бранот расположение е спонтано создаден. Затоа да не заборавиме на стабилноста, како прв знак на сериозност кај еден политичар, заклучи Груевски.