Груевски до Сијарто: Членови на ВМРО-ДПМНЕ неправедно се наоѓаат во притвор

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на денешната средба со унгарскиот министер за надворешни работи Петар Сијарто се пожалил дека во Македонија се загрозени основните слободи и права и дека партиски членови и истакнати општествени личности кои не се истомисленици со актуелната власт, се мета на жесток политички притисок и прогон.

Како што соопшти ВМРО-ДПМНЕ, Груевски истакнал дека невини луѓе се наоѓаат во притвор само зашто, според него, слободно размислуваат и си ја сакаат и почитуваат сопствената држава. Тоа, додал лидерот на опозициската партија, е редок пример за заробена држава во која наместо функционирање на правото и правната држава, се носат одлуки под политички диктат.

СЈО и Основното јавно обвинителство, дополнил Груевски, функционираат како политички инструмент, целосно заобиколувајќи ги правните нормативи.

– ВМРО-ДПМНЕ го поддржа зачленувањето во НАТО и ЕУ и беше подготвена да учествува во реформскиот процес се до моментот кога владата на СДС ги помина сите линии со почнувањето на политичкиот прогон по доаѓањето на власт кој кулминираше со притвор на шест пратеници за непостоечко дело тероризам. За жал, нема реформи, туку само континуирани ветувања дека ќе ги има, напомена лидерот на опозициската партија.

На средбата со Сијарто беше и членот на партискиот извршен комитет Владимир Ѓорчев, а Груевски изразил загриженост и за европската мигрантска криза.