Нечесниот чин на почесниот лидер

ВМРО-ДПМНЕ има моментно двајца почесни претседатели. Првиот – Љубчо Георгиевски е надвор од партијата, а вториот – Никола Груевски избега надвор од државата. Но, иако неговото бегство ги урива тезите на опозицијата за негов политички прогон и им го искомпликува статусот на другите осомничени и обвинети од СЈО, од ВМРО-ДПМНЕ беа вчера категорични дека не размислуваат да му ја одземат на Груевски титулата почесен претседател.
Нема најави ниту за исклучување на Груевски од партијата, како што се случи со седумтемина пратеници и со уште неколкумина поранешни партиски функционери за кои беше оценето дека ѝ свртеле грб на ВМРО-ДПМНЕ со поддршката за референдумот за името или за пристапувањето кон уставни измени. Меѓу исклучените е и пратеничката Нола Исмајлоска-Старова, која вели дека не може да ја разбере постапката на Груевски.
– Неговото бегство многу негативно влијае на луѓето кои се опфатени со процесите – и на СЈО и на ОЈО. Ако имало закани по живот, сметам дека требало прво да се пријават. Доколку институциите не постапат, тогаш можеби би можело да се разбере бегството. Вака сум збунета, изненадена и не можам да ја разберам постапката – вели Исмајлоска. Што се однесува до одлуката за наше исклучување, вели Исмајлоска, се надевам дека таа ќе биде ништовна кога партијата ќе се врати на вистинските постулати на своето дејствување и кога ќе се направат статутарни промени.
– Мислам дека тогаш, и оние членови кои се сега изманипулирани, ќе ги сфатат нашите позиции и дека ќе се преиспитаат одлуките за исклучување – вели таа.
Бегството на поранешниот премиер е и директен удар за пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која сега останува покуса за уште еден пратеник, по формирањето на новата осумчлена независна пратеничка група. Со тоа, пратеничкиот табор на ВМРО-ДПМНЕ, кој влезе во овој собраниски состав со 51 член, сега е сведен на 38 парламентарци меѓу кои исто така има поделби по различни основи. Сепак, откако ВМРО-ДПМНЕ и независната пратеничка група се изјаснија против одземање на мандатот на нивниот поранешен лидер, Груевски останува пратеник – барем во наредните шест месеци, доколку дотогаш против него не биде изречена нова правосилна пресуда со која би требало да издржува над пет години затворска казна.
По бегството на Груевски, на барање на СЈО, експресно завршија во притвор Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кој, според информациите, до последен ден бил мошне активен во партијата, но во заднина. Во Кривичниот суд во Скопје, пак, вчера се одржуваше ново рочиште за настаните во парламентот на 27 април за што се обвинети триесетина лица кои по насилен пат се обидоа да ја спречат смената на власта во 2017 година. Додека тие се потеа, Груевски од безбедна дистанца ја чека одлуката на унгарските власти за неговото барање за азил.
Понатамошниот развој на настаните ќе покаже кој политички табор ќе претрпи поголема штета од бегството на поранешниот премиер: ВМРО-ДПМНЕ како негова матична партија на чие чело беше речиси една и пол деценија, или владејачката гарнитура која сега е соочена со гласни барања за одговорност. Иако од Груевски не се откажуваат, од вторникот, кога избега, видлива е промената во реториката на ВМРО-ДПМНЕ. Наспроти претходните обвинувања за политички монтирани процеси, опозициската партија сега бара одговорност од Владата. Како одговор на вчерашните обвинувања од СДСМ дека Христијан Мицкоски можеби учествувал во организација на бегството, од ВМРО-ДПМНЕ напаѓаат со обвинување дека премиерот Зоран Заев знаел што ќе се случи.
– СДСМ има целосна контрола врз судството, обвинителството и полицијата. Власта не може а да не знаела за бегството на Груевски. Никој повеќе не верува во зборот на Заев ниту неговите најгласни пулени и поддржувачи не веруваат дека тој лично не знаел за бегството на Груевски. СДСМ е речиси две години власт во Македонија, а сè уште се однесува како опозиција – велат од ВМРО-ДПМНЕ. Одговорност, велат од опозициската партија, мора да има, а како и секогаш одговорноста е во власта што овој пат, како што се потенцира, ја предводи токму аболираниот Заев. Според ВМРО-ДПМНЕ, станува збор за обид да се дефокусира јавноста од промената на Уставот, зголемувањето на даноците, сиромаштијата…
Претходно, портпаролот на СДСМ Костадин Костадинов побара одговор од Мицкоски за неговата посета на Будимпешта и на Белград во втората половина на октомври.
– Дали тие посети на Мицкоски имаат врска со подготовката за бегство на неговиот ментор? Со кого се среќавал за време на посетите на Будимпешта и Белград и што договарал? Дали заедно со Груевски бил нацртан планот за бегство? – праша Костадинов. Тој посочи дека Мицкоски јавно потврдил дека имал средба со Груевски на која се разговарало за „личните моменти и иднината“ на поранешниот премиер. Александра М. Митевска