Груевски отсега ќе биде неоправдано отсутен пратеник

Никола Груевски нема веќе да се третира како оправдано отсутен од парламентот, независно од тоа дали од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги пријавуват неговите отсуства. Ваква одлука, според информациите, е донесена на денешната координација во Собранието што ја свика спикерот Талат Џафери по бегството на поранешниот премиер. Одлучено е исто така да се применат одредбите од собранискиот деловник според кои пратеник се казнува со по пет проценти од платаат за отсуство на три последователни седници.
Проценките се дека на тој начин, по шест месеци, ќе може повторно да се покрене иницијатива за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски, иако и тогаш ќе треба да се обезбеди двотретинско мнозинство. Според Уставот, една од причините за одземање мандат на пратеник е негово неоправдано отсуство од Собранието половина година во континуитет. Но, одлуката за тоа се носи со најмалку 80 гласови. По таа основа, во минатото им беше одземен мандатот на Арбен Џафери и на Хисни Шакири.