Груби свика вечерва седница за новиот модел за избор на ДИК

Собраниската комисија за европски прашања во 17.30 часот ќе ја почне седницата за измени на Изборниот законик, односно за новиот модел на избор на ДИК што го предлага владата, со цел да ја надмине блокадата што ја постави опозицијата поради потребното двотретинско мнозинство.

Претседателот на оваа Комисија, Артан Груби, ја закажа предмалку комисиската седница, која може да трае најмногу два дена, со оглед на тоа што законските измени се пуштени во собраниска процедура со европско знаме и треба да се донесат по скратена постапка. Според тоа, утре би бил последниот дена за расправа во Комисијата за европски прашања, по што за измените во Изборниот законик ќе треба да гласа и собранискиот пленум на седницата која почна во понеделникот, а продолжи и денеска.

Околу можната деблокада на изборот на ДИК попладнево разговараа и четирите најголеми партии на лидерската средба во Клубот на пратеници, која заврши предмалку без конкретен договор. Премиерот Зоран Заев рече дека очекува решенија на следната лидерска средба, ама посочи дека во парламентот тече процедурата за донесување на законските измени, со кои, всушност, се заобиколува и Комисијата за избори и именувања, што ја предводи Илија Димовски, а која  досега беше надлежна да прави селекција на кандидатите за членови на ДИК.