Граѓанските организации со осуда кон институциите за бегството на Груевски

Вкупно 14 граѓански организации ги осудуваат пропустите, неажурноста и непочитувањето на одредбите од Законот за извршување на санкции и Правилникот за начинот на вршење на полициските работи од страна на Основниот суд Скопје 1 и Министерството за внатрешни работи, кои резултираа со напуштање на земјата од страна на осуденото лице Никола Груевски и неможност да се изврши правосилната пресуда по случајот познат како „Тенк“, со која Груевски беше осуден на двегодишна казна затвор.

Граѓанските организации направиле хронолошка анализа на настаните вклучувајќи ги сите надлежни институции и нивните постапки.

„Бараме да се спроведат итни и темелни истраги во кои ќе биде утврдена одговорноста за пропустите во постапувањето на Основниот суд Скопје 1 Скопје и на Министерството за внатрешни работи од аспект на тоа дали се постапувало согласно планот за обезбедување на Никола Груевскии и дали се постапувало согласно тој план проценката за ризик. Соодветно на резултатите од истрагата, бараме да бидат санкционирани сите раководни лица и службеници кои не ги почитувале законските и подзаконските акти, особено од Законот за извршување на санкции, Правилникот за начинот на вршење на полициските работи и Планот за обезбедување, со што помогнале осуденото лице Никола Груевски да ја напушти државата и да избегне издржување на казна затвор“, се вели во дописот до меидумите.

Ова е четврто лице осудено во високопрофилираните кривични постапки, потсетуваат граѓанските организации, кое поради неажурност и некоординираност на судските власти и органите на прогон, успеало да избега од државата и да го избегне издржувањето на казна затвор определена со правосилна и извршна пресуда, што укажува на итната потреба од преиспитување на функционалноста на органите на прогон, граничните служби и судските власти.

„Сметаме дека само со ваков сериозен пристап за утврдување на вистината ќе може целосно и финално да се спроведе правдата која граѓаните долго ја очекуваат, а на која ние, долупотпишаните граѓанските организации инсистираме“, велат тие.

Зад овој допис стоја 14 граѓански организации и тоа: Хелсиншки комитет за човекови права на РМ, Фондација Отворено општество-Македонија, Цивил-Центар за слобода, Центар за економски анализи, НВО Инфоцентар, Коалиција сите за правично судење, Евротинк, Македонско здружение на млади правници, Институт за европска политика, Младински образовен форум, Институт за демократија Социетас цивилис-Скопје, Транспарентност Македонија, Транспаренси Интернешнл, ФОРУМ – Центар за стратегиски истражувања и документација.