Градот ги објави условите за субвенциите: Аплицирање за инвертери од март

Сите граѓани на Скопје што купиле инвертер клима-уред од почетокот на годинава ќе можат да аплицираат на јавниот повик за субвенции на Градот Скопје, кој ќе биде објавен на почетокот на март. Висината на субвенцијата ќе биде 50 отсто од вредноста на уредот, но не повеќе од 15.000 денари со вклучен персонален данок на доход. Исплатата на средствата ќе се врши по завршувањето на претстојните претседателски избори, информираат градските власти.

Право да аплицираат за субвенции имаат физички лица кои се жители на Град Скопје, кои немаат веќе користено помош од која било институција во земјава за затоплување на своето домаќинство. За тој дом може да аплицира само еден член на семејството. До поднесувањето на барањето, семејството требало да е корисник на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут, домот да не е во фаза на градба, барателот да живее во него и да нема приклучок на градско централно греење. За да се добијат субвенции, треба да е платен и данокот на имот до 2018 година, а еден од условите е да се достави и фотографија на печката која се користи во домот.

Од Градот Скопје информираат дека субвенционирањето на купување нова инвертер клима е нова мерка која влегува во пакетот мерки против загадувањето на воздухот. За оваа намена од Буџетот на Град Скопје ќе се издвојат 20 милиони денари.