Во Тимјаник се отвора мал групен дом за деца со попреченост

Во неготинското село Тимјаник денеска ќе биде отворен мал групен дом во кој ќе бидат сместени неколку деца со попреченост  од Специјалниот завод во Демир Капија.

На отворањето на домот е најавено учество на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, претставниците на УНИЦЕФ и на ОН во Македонија, Бенџамин Перкс и Луиза Винтон, градоначалникот на Неготино Тони Делков и граѓански организации.

Со Проектот за деинституционализација на 216-те штитеници од Специјалниот дом во Демир Капија, поддржан од УНИЦЕФ, УНДП и Европската Унија, се предвидува во рок од две-три години, нивно преместување во мали домови во општини ширум Македонија, за нивна полесна ресоцијализација и вклученост во општеството.

Отворањето на домот следува по бурните реакции на жителите на Тимјаник, кои пред околу еден месец со протести го бранеа своето село од Дом за деца со посебни потреби. Потоа страстите се смирија.