Во прилепската населба „Тризла“ се жалат на струјата, а од ЕВН – на кражбите

Дел од жителите на прилепската населба „Тризла“ денеска револтирано се пожалија дека со денови немаат струја, бидејќи има проблеми во напојувањето на трафостаницата во населбата.

– Околу една недела нема струја. Имаме дефекти поради тоа, ни прегореа домашни апарати. Струја има само по два, три часа во денот, од 7:00 до околу 9:00 часот претпладне, а потоа, цело време е мрак. Проблем имаат стотина домаќинства во населбата „Тризла“, изјави Алија Алиоски, жител од населбата „Тризла“, кој бара да се реши проблемот.

Според  Зекрам Мустафоски, секојдневно се пријавуваат дефектите до службите на ЕВН.

– Живееме на свеќи, а така не може повеќе. Пријавуваме за дефектите во службите на ЕВН. Оттаму велат дека дефектот е пријавен, тоа ќе се отстрани, ама не може да кажат кога. А ова се случува една недела, вели Мустафоски.

Атанас Ковачевски од ЕВН информира дека корисниците кои се снабдуваат со електрична енергија од трафостаниците „Дебој 1“ и „Дебој 4“  имаат проблеми во снабдувањето поради прекумерната, неконтролираната и, во дел, нелегалната потрошувачка. Се крадат и бакарни жици.

-Секој час горат осигурувачите на трафостаницата  „Дебој 1“. Екипите постојано ги менуваат, но тоа не го решава проблемот. Покрај тоа, за само пет дена извршени се две кражби во трафостаницата „Дебој 4“. Последната е евидентирана утрово во 4:00 часот. Направен е увид и полицијата ги презема сите мерки за откривање на сторителите. Апелираме до корисниците разумно да ја користат енергијата со што би се намалила потрошувачката, барем во овие денови со ниски температури. За кражбите не треба да се зборува, тие го доведуваат во опасност животот на сторителите и се опасност за околината, посочува Ковачевски.