Во парламентот координација за Груевски

Спикерот Талат Џафери ги собрал на координација потпретседателите и координаторите на пратеничките групи за да разговараат за пратеничкиот статус на Никола Груевски, по неговото бегство во Унгарија.
Координацијата се одржува пред почетокот на денешното продолжение на 65.седница. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го пријавуваше досега Груевски како отсутен од седниците, што се смета како оправдано отсуство.
Џафери ни изјави вчера дека прописите што се однесуваат на работата на парламентот не третираат ваква ситуација како што се создаде со Груевски по неговото бегство надвор од државата. Сепак, како што рече, може да се најдат механизми за поинаку да се регулира статусот на пратеник кој не учествува во работата на законодавниот дом.
Минатиот петок, собранискиот пленум не го усвои предлогот за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски затоа што не беше обезбедено двотретинско мнозинство за тоа.