Во Македонија 43 отсто вести од надворешно-политички карактер се потенцијални дезинформации

Четириет и три отсто вести и медиумски објави во Македонија за меѓународната политика, Европската Унија, САД и Русија се објавуваат без наведен извор што е основа за потенцијални дезинформации, сопштија денеска од белградскиот Центар за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА).

Според презентираните резултати од истражувањето на ЦРТА, спроведено во периодот од 14 мај до 10 јуни во Македонија, Србија, БиХ и Црна Гора, на 5.000 медиумски објави во печатот, онлајн медиумите и на телевизите, најмногу медиумски објави без да се именува изворот во регионот е забележано во Македонија.

Застапеноста на неутралната и пристрасната позитивна медумска содржина за ЕУ во Македонија, БиХ и во Црна Гора варира помеѓу 19 и 25 отсто во медиумските објави.

Во Србија над третина од медиумските објави се без наведен извор, а најпозитивно се информира за Русија, за разлика од НАТО за кој се известува негативно. Вестите кои се објавуваат во Србија за ЕУ се претежно неутрални и се известува повеќе технички.

Според програмскиот директор на ЦРТА Раша Недељков, во Србија во медиумите „најмногу има цитати на претседателот Александар Вучиќ, во кои тој говори за ЕУ или неутрално или позитивно, додека Ивица Дачиќ се цитира многу помалку, каде тој подеднакво дава негативни и позитивни коментари за ЕУ“.

Во Црна Гора и во БиХ забележан е значително помал број објави без да се наведе цитат на изворот.

Карактеристика на дезинформациите и на лажните вести е таа што тие најчесто се пласираат без јасно наведен извор на веста, со пристрасно и необјективно известување, наведуваат од ЦРТА.

– За ефикасна борба против дезинформациите и лажните вести, потребно е медиумите и новинарите вестите да ги проверуваат, а не само да ги пренесуваат информациите. Исто така, потребна е и медиумска писменост на граѓаните, кои пред да ја споделат веста на социјалните мрежи, треба да ја прочитаат во целост и да го проверат изворот, изјави Вукосава Црњански, директор на ЦРТА и основач на „Вистиномер“.

Таа додаде дека во ЕУ граѓаните дезинформациите и лажните вести ги сметаат за голем проблем во нивните земји.

Анализата е претставена на меѓународната конференција „Дали ја губиме војната со дезинформациите“ во организација на белградскиот портал „Вистиномер“.