Во Македонија температурите под нулата

Утринските температури во целата држава се под нулата. Најстудено е во Битола каде во седум часот се измерени -18 степени, а најтопло е во Маврово -1 степен.

Тетово е вториот град во кој утринава е најстудено и таму се измерени -13 степени, додека во Петровец кај Скопје и во Берово утринската температура е -12 степени. Во Прилеп и во Струмица се измерени -11 степени, во Штип, Демир Капија и Куманово -10, во Скопје на Зајчев Рид -8, во Крива Паланка и Дебар -7, во Лазарополе -5, во Охрид, Претор и Виница -4, во Гевгелија -3 и во Дојран -2 степени.

Утринава е значително облачно и студено, а на планините е потопло. Во Полог има појава на магла. За денеска, Управата за хидрометеоролошки работи најавува претежно облачно време со магла по котлините. Во југозападните делови ќе има слаб локален дожд, а во Пелагонија ќе има услови за замрзнат дожд. Ќе дува слаб јужен ветер. Максималната температура ќе се движи во интервал од -2 до 10 степени.

Во Скопје ќе биде претежно облачно со слаб јужен ветер и температура до три степени.

Утре ќе биде променливо облачно со повеќе сончеви периоди, а во следните денови ќе преовладува облачно време со слаби локални врнежи од дожд, а на планините врнежите ќе бидат од снег. По одделни котлини ќе има појава на магла.