Во Македонија има над 6.000 конфискувани автомобили кои стојат заглавени поради бавноста на судовите

Македонија е преплавена со конфискувани возила, но Агенцијата за управување со конфискуван и одземен имот не може да постапува и да ги додели на државна институција или да ги понуди на аукција затоа што нивната правосилност е заглавена во бавните судски процеси, ова го рече Фатон Асани, директорот на Агенцијата за управување со конфискуван имот, на Годишната регионална конференција за најдобри практики во сферата на конфискацијата и управувањето со одземен имот во организација на Балканската интерагенциска мрежа за управување со одземен имот (БАМИН), што се одржува денеска во Скопје.

– Агенцијата континуирано работи на проблематиката, има конфискации и очекуваме поголеми. Како Агенција чекаме на судовите, откако ќе добиеме правосилни решенија постапуваме. Континуирано се конфискува, моментно имаме голем проблем со возила, цела Македонија е преплавена со нив. Во Идризово и Миладиновци има 3.500 автомобили, 2.500 во Шумска полиција, полициските станици ги затекнавме преполни со такви автомобили – изјави денеска Асани.

Во Македонија, но и во другите држави, дополни, судксите процеси траат долго, четири до пет години, и затоа судовите треба да работат поажурно.