Во Клинички центар се згрижени досега седуммина од повредените

На Клиничкиот центар се згрижени досега седуммина од повредените во тешката сообраќајна несреќа на излезот од Скопје. Според информации, од терен, петмина од нив се на Ургентниот центар, а други двајца се префрлени на Клиниката ортоподеја.Еден од најтешко повредените не е идентификуван се уште.
На влезот на Клиничкиот центар е истакнат список на повредените, за да знаат роднините кој во која клиника е сместен.
Во Клиничкиот центар дојдоа и луѓе кои живеат близу до местото на кое се случи несреќата и кои помагале во извлекувањето на патниците. Велат дека глетката била стравотна. Автобусот бил превртен и едвај бил вратен на тркала. Од секаде се слушале лелеци и пискотници.
Според информациите, засега има доволно крв и за повредените кои се на Клинички центар, како и за тие во болницата „8 Септември“.
На Клиничкиот центар дојдоа градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, двајцата поранешни министри за здравство.
Заменик-министерот за здравство Асим Муса изјави предмалку дека бремената жена која била патничка во автобусот е во стабилна состојба. Рече дека сите повредени се примаат на Ургентниот центар за потоа да се распределат низ соодветни клиники. (С.Д.)