Во библиотеката во Гевгелија лани позајмени 30.000 книги

Околу илјада членови на градската библиотека „Гоце Делчев“ во Гевгелија во 2018 година прочитале околу 30.000 книги што, според библиотекарите, е бројка за почит.

Според нив, има читатели кои годишно читаат по 30 книги, а некои дури и по 100 и повеќе книги од богатиот фонд на библиотеката. Доколку се направи просек, велат библиотекарите, излегува дека секој член годишно чита по 30 книги и така се доаѓа до бројот 30.000 прочитани книги во текот на една година.

Градската библиотека во Гевгелија располага со книжен фонд од 60.000 монографски публикации, комплетирани и укоричени дневни весници и списанија, референтна литература, ракописи, документи, албуми и видеоматеријали.

Гевгеличани во изминатата 2018 година најмногу читале белетристика на љубовна тема од популарни писатели, трилери и авантуристички романи, а учениците најмногу читале лектири.