Во адреналинскиот парк во Карпош ќе се оди по јажиња и буриња

Адреналински парк, кој ќе се состои од една централна куќа и од 14 до 18 станици по кои ќе се стигнува со одење по јажиња и буриња, е дел од проектот за новиот парк што Општината Карпош ќе го гради покрај Вардар. Целиот дел ќе асоцира на игра и освојување на нивоа, а ќе има и дел за деца до 13 години.

Иако беше најавувано како една од адреналинските атракции, зип-лајн нема да има од причина што во нашата земја нема институција која може да ја гарантира статиката и безбедноста на ваков вид содржина. Зип-лајнот требаше да биде во должина од 400 метри и да се движи по периметарот на паркот.

Почетокот на изградбата општинските власти го најавуваат за напролет. Новиот парк ќе се простира од вештачката карпа до бунарите на реката Лепенец, по должина на кејот на реката Вардар, а ќе го опфати и амфитеатарот. Од Карпош најавуваат дека ќе има многу ново зеленило, со оглед на тоа дека сега овој простор целосно е запуштен, обраснат со трева и претставува место за палење огнови на отворено и место каде што се создаваат депонии.

„Секторот за развој на Општината изминатата година го подготви овој проект и аплицираше за средства од Европската Унија. Проектот е одобрен и ќе се доделат околу 760.000 евра, грант – неповратни средства за овој капитален проект, а Општина Карпош ќе учествува со околу 135.000 евра, средства од буџетот“, информираат од Карпош.

Во склоп на овој парк, покрај адреналинскиот дел, ќе има и други различни содржини за сите возрасти. За најмладите ќе има детски сквер со лулашки и клацкалки и голем простор за игра. Ќе има и игралиште за фудбал и одбојка на песок со монтажни трибини. Фудбалското игралиште на песок ќе биде со димензии 39 на 35,5 метри, а одбојкарското игралиште со 18,5 на 26 метри. Двете игралишта ќе имаат и трибини во четири реда. Ќе се изгради и нов сквер кој ќе се простира на 140 квадратни метри. По целата должина на кејот ќе се постави нова урбана опрема, а општинските власти ветуваат и многу ново зеленило, околу 4.000 квадратни метри.

„Целта е кејот на Вардар на овој потег да понуди содржини за сите генерации. Предвидуваме спортски зони за младите и за спортистите, рекреативни зони со многу зеленило за повозрасните и забава за најмладите. Ќе има и мини-езерца, фонтани, патеки за пешачење, модерна урбана опрема, паркови за миленици“, нагласуваат општинарите.

Во рамките на новиот парк целосно ќе се реконструираат и вештачката карпа и скејт-паркот, кои на посетителите ќе им понудат поинакви и побогати содржини. Речиси целиот комплекс ќе се гради на државно земјиште, така што општинските власти нема да мора да решаваат имотно-правни односи.

Сања Наумовска