„Водовод“ ќе ги земе фонтаните, ама од следната година

„Водовод и канализација“ ќе ги одржува фонтаните во Скопје, ама од идната година. Дотогаш обврската ќе ја дели со друга фирма, која ќе биде избрана на тендерот што минатата недела го распиша Градот Скопје. Градоначалникот Петре Шилегов неодамна најави дека градските власти веќе не планираат да плаќаат високи суми на фирми за да се грижат за фонтаните, од кои најголемиот број им останаа во наследство од проектот „Скопје 2014“.Шилегов одлучил одржувањето да му го предаде на своето јавно претпријатие, кое ќе треба да се грижи за нив и кога работат, но и да ги конзервира за зимскиот период. Одлуката ја потврди и Советот на Град Скопје, а распишувањето на тендерот, велат во Градот, не значи дека се повлекуваат од ова решение. Фирмата ја бараат само за неколку месеци, додека „Водовод“ да се екипира за големата обврска.

– Тендерот за одржување на фонтаните е распишан со цел да му се помогне на јавното претпријатие во овој транзициски период да се адаптира на одржувањето на фонтаните. Во иднина, ‘Водовод’ ќе треба целосно да ги одржува фонтаните во Скопје и во сезоната и при конзервирањето, како и надвор од експлоатациониот период – информираат од Градот Скопје.

Од идната година на „Водовод“ ќе му припаднат седум фонтани. На плоштадот Македонија се „Воинот на коњ“ и фонтаната со водоскоци, а малку подолу, кон Старата чаршија, и фонтаните на „Карпошово востание“. Во обврските на јавното претпријатие ќе влезат и фонтаните кај црквата „Пресвета Богородица“ и таа на мостот „Око“. Ќе се одржува и фонтаната на спомен-обележјето на паднатите херои во паркот „Жена борец“ и фонтаната на плоштадот ВМРО.

Јавното претпријатие, велат во Градот Скопје, ќе има обврска да се грижи и за постаментите и за осветлувањето, а целта е да се заштедат финансии. Градските власти ќе ги плаќаат сметките за струјата што ја трошат овие објекти, но нема да одвојуваат дополнителни средства за нивно одржување.

– Одржувањето на фонтаните од 2013 година го вршеше Град Скопје, преку неколку договори со фирмата „Бетон“. За оваа намена од градскиот буџет се одвојуваа од 25 до 30 милиони денари годишно. Сега, откако обврската ќе му припадне на ‘Водовод’, овие пари ќе бидат пренаменети за реализација на капитални проекти – информираат од Градот Скопје.

Сања Наумовска