ВМРО-ДПМНЕ се враќа со предлог за амнестија

Предлог-закон за амнестија на осомничените за настаните во парламентот на 27 април подготвува опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата велат дека со амнестија за „црниот четврток“ ќе се создадат услови за политичко помирување.

Предлог-законот за амнестија, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде краток и прецизен и наскоро ќе биде доставен до парламентот. Сепак, од партијата не соопштуваат конкретно дали овој предлог ќе претставува аргумент за враќање на опозицијата во законодавниот дом.

Приведувањата, а потоа и изречените притвори и одземените пратенички имунитети за настаните на 27 април се причината поради која ВМРО-ДПМНЕ објави бојкот на парламентот. Иако имаше разговори за враќање на опозицијата, по изборот на Христијан Мицкоски за нов партиски лидер, ВМРО-ДПМНЕ се премисли дента кога им беа продолжени притворите и домашните притвори на сите осомничени за „црниот четврток“ во Собранието.

Од владејачкиот табор, сепак, очекуваат ВМРО-ДПМНЕ да го прекине бојкотот веднаш по божикните празници. За таа цел, според информациите, овие денови не е закажана ниту една собраниска активност – за да ѝ се остави простор на опозицијата до 9 јануари, за кога и спикерот Талат Џафери го најави нејзиното можно враќање.

Од ВМРО-ДПМНЕ и вчера се јавија со реакција за нејзините притворени функционери и поддржувачи, кои учествуваа во парламентарните настани на 27 април. Според ВМРО-ДПМНЕ, апсењето на нејзините функционери е политичка одмазда, која му штети на демократскиот имиџ на земјата.

„Постапките што се спроведуваат против уставобранителите се незаконски и правно неосновани. Македонија не е демократска држава. Во Македонија моментно пет отсто од целиот собраниски состав, односно 12 проценти од опозицијата е во притвор. Тие пратеници се под директна закана со измислено обвинение за тероризам. Ова е обид да се замолкне секаква критичка мисла и со страв да се блокира контролната функција на законодавната власт“, се наведува во партиското соопштение.

По изборот на новиот лидер, ВМРО-ДПМНЕ се огласува секојдневно со реакции за процесот што се води за настаните на 27 април, иако веќе подолго време не се одржуваат протести за поддршка на притворените.