ВМРО-ДПМНЕ ќе прави нов договор со Грција

ВМРО-ДПМНЕ ќе прави нов договор со Грција кога ќе дојде на власт. Уверени се дека и наредната влада во Атина ќе биде подготвена одново да преговара со цел договорот да биде прифатен од сите граѓани во двете држави, со што и регионот би впловил во стабилни води.

Ова се пораките што потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, ги испрати од седиштето на Европската народна партија (ЕПП) во Брисел, каде што вчера присуствуваше на конференцијата насловена: „ЕУ – Западен Балкан како заедно да ја изградиме нашата заедничка иднина?“. Повторувајќи дека единствен интерес на неговата партија се ЕУ и НАТО, Николоски посочи дека актуелната влада во Македонија дошла со недозволиви методи во политиката само заради една повисока цел – решавање на спорот за името, но оти мнозинството на референдумот што останало дома, упатило силна порака дека подобро е да преговарате подолго и да постигнете добар договор, отколку тоа да го направите брзо и да донесете лош договор што нема да биде прифатен. Набројува дека поради преговорите со Грција, целосно се занемарила економијата и владеењето на правната држава, потенцирајќи ја понудата на премиерот Зоран Заев за амнестија и помирување што било доказ оти само тој одлучува кој и дали ќе оди во затвор.

Македонија има европска иднина и ние веруваме во тоа. Знаеме дека тоа е преку договор со Грција. Но ние мора да бидеме реални. Договорот мора да биде таков што може да биде прифатен од македонскиот народ. Затоа ВМРО-ДПМНЕ верува дека кога ќе имаме шанса да ја водиме владата, ќе можеме да постигнеме подобар договор со Грција, договор кој ќе биде избалансиран и во корист на Македонија, а не само во корист на Грција. Овој договор мора да се соочи со реалноста и граѓаните да можат да живеат со него. Свесен сум дека Грција ќе се вклучи во изнаоѓање на подобар договор бидејќи е и од нивен интерес да има стабилен регион и да има договор што ќе може да биде прифатен. Договор што ќе ги почитува правата на Македонците да имаат своја држава и свој идентитет. Тоа е договор што може да биде прифатен и да биде во полза на сите“, посочи Николоски.

Ова е првпат некој висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ отворено да каже дека партијата се подготвува за нов договор со Грција, претпоставувајќи дека ќе има смена на владите во Скопје и во Атина. Според нашите информации, во партијата веќе станало збор за обновување на преговорите, а за тоа бил испратен абер и до Кирјакос Мицотакис, претседателот на Нова демократија, кој, според рејтинзите, од идната година би требало да стане претседател на владата во Грција. Во „белиот дворец“ постои уверување дека меѓународниот притисок што го трпеа изминатиов период е завршена работа и оти сега и од надвор сфаќаат дека договорот од Преспа нема иднина, со што на масата треба да седне нов преговарачки пар. Со Мицотакис, веруваат во партијата, единствено ВМРО-ДПМНЕ може да најде или барем да се обиде да најде заеднички јазик.

Во таа насока, потенцираат дека се покажале неточни шпекулациите дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде исклучена од семејството на европски народни партии поради непопустливоста кога е во прашање договорот со Грција, кој на Македонија широко ѝ ги отвора евроатлантските врати.

Само пред неколку дена, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, изјави дека во ЕПП нема веќе место за унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговата партија Фидес. Тој укажа на непомирливоста на неговите изјави со христијанско-демократските вредности, на кои се темели ЕПП. Но, австрискиот канцелар Себастијан Курц рече дека не би било корисно во Европа да се создава уште една нова партија со морално недораснати и непожелни источни Европејци. Од ЕПП неколку пати јасно порачаа дека доколку договорот со Грција пропадне, ВМРО-ДПМНЕ ќе биде виновна за изолацијата на Македонија.

Во соопштението од ЕПП пред вчерашната конференција во Брисел беше наведено дека некој може да биде „за“ или „против“ политиките за проширување на ЕУ, но никој не треба да игнорира дека регионот се следи со апетит од други големи сили.

Во реалноста, меката моќ на Европската Унија веќе се натпреварува со надворешно-политичко влијание, странски инвестиции и дури и различни културни и општествени модели“, свесни се во ЕПП.

Горан Адамовски