ВМРО-ДПМНЕ: Јавното обвинителство да отвори истрага за тендерот во здравството

Срамно и тажно е да се гледа како СДСМ и министерот Венко Филипче се обидуваат да го оправдаат криминалот и милионскиот скандал во здравството, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

„Никој не му верува на Филипче дека не знаел која е единствената фирма што учествувала на тендерот, ниту пак убеди некого дека не знаел дека таа се формирала четири месеци пред тој да и доделува 35 милиони евра. Министерот Венко Филипче мора веднаш да се повлече од функцијата и да дозволи независна истрага околу скандалот со кој што 35 милиони евра, пари на граѓаните треба да завршат во фирма формирана пред четири месеци која ја раководат млади лица, тотално анонимни во проблематиката“, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство уште утре да отвори истрага и да ги провери сите сомнежи.

„Зошто никој не конкурира освен фирмата која е основана пред четири месеци, токму во време на одвивање на техничкиот дијалог? Дали е случајно тоа што седиштето на фирмата е регистрирано на иста адреса како и канцеларијата на Филип Медарски, адвокат на премиерот Зоран Заев? Дали имало закани и од кого кон останатите компании кои долго време се во овој бизнис? Кое е бизнис искуството на двете момчиња и кој стои зад нив, односно зад првата посериозна бизнис зделка која ја имаат во животот а тежи 35 милиони евра?“, прашуваат од опозициската партија.